Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со министерката за Европа на Сојузна Република Германија, Ана Лирман, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Француската Република, Лорeнс Бун и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, познати како „Вајмарска тројка“.
На средбата се разговараше за преговарачкиот процес на Северна Македонија за членство во ЕУ, имплементацијата на задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка, како и за можностите за забрзување на евроинтеграцијата на земјава.
Претседателот Пендаровски истакна дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи, посочувајќи дека членството во ЕУ е наш стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од страна на сите политички фактори со цел исполнување на преземените обврски.
Покрај неопходните уставни промени, беше нагласена важноста од владеење на правото, изградба на функционална правна држава, како и поуспешна борба со организираниот криминал и корупција.
Соговорниците на средбата разменија мислења и за актуелните политички случувања во земјава и регионот.