„Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ – нови национални установи

Сподели

 

Во пресрет на големиот државен празник, Илинден, кога во државата се прославува Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ со што се конституира македонската држава, Владата донесе одлука за формирање две нови национални установи од областа на културата кои ги афирмираат личностите и настаните поврзани со Илинденскиот период и со македонската државност.

Традиционалните активности со кои се слави слободата, победата, борбата и жедтта на македонскиот народ и сите други народи кои живеат во земјава за слободна, независна и демократска држава, „Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе функционираат преку целата година како национални установи.

Иницијативата за основање на  установата  „Десет дена Крушевска Република“ е со цел  поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија. Националната установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево, ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски Музеј – Крушево, што е во сопственост на Република Северна Македонија.

Иницијативите се поднесени од Министерството за култура каде што е предвидено Национална установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар да ги одбележува деновите на  Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. А ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Република Северна Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.

Новите национални установи според досегашната нивно постоење и програмски содржини, продолжуваат да дејствуваат во духот на афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.

Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во с. Смилево, Демир Хисар. Овој Конгрес според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание. Со тоа, Смилевскиот Конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност.