Сали: Во модуларната болница во Тетово жртвите изгореа, а виновниците беа наградени

Сподели

 

“По емисијата објавена од ИРЛ со наслов „Убиство во Тетово“, каде што беа обелоденети многу вистини за пожарот на модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, денес сум тука како поранешен министер за здравство во текот на јануари 2022 год. – февруари 2023 год., јавно да се изјаснам дека со постапката која се одвиваше за пожарот на модуларната болница, жртвите изгореа по втор пат, а виновниците беа наградени”, изјави поранешниот министер за здравство, Беким Сали.
 
“Истрагите и судските постапки што се развија по овој случај веќе ме убедија дека таа постапка можеше да биде се освен потрага по правда.
 
Како што може да се види во гореспоменатата емисија, сакам да прецизирам дека по моите сомнежи како министер дека пожарот во модуларната болница е предизвикан поради злоупотреба на градежната постапка и постапката за јавна набавка, на 30.09.2022 г. побарав интерна ревизија од Секторот за ревизија на Министерството за здравство. По неколкумесечна работа, на 25 јануари 2023 година, нивниот извештај беше готов, при што беше дадена препорака Министерството за здравство да го раскине договорот за извршување на работите и да не му плати ништо на извршителот до крајот на судскиот процес.
 
Но, на 23 февруари 2023 година, бев разрешен од функцијата министер за здравство и, како што видовме вчера, мојот наследник, и покрај препораките на внатрешната ревизија, во јули 2023 година, преку Владата иницираше исплата на долгот кон компанијата БРАКО. Со други зборови, еден од главните посочени виновници во емисијата „Убиство во Тетово“ е награден.
 
Притоа не може да не се постави прашањето чија вистинска иницијатива била амнестијата на БРАКО и продолжувањето на исплатата, не почитувајќи ја препораката од ревизијата?!
 
Дали ова било барање на Ковачевски, добра можност за Фатмир Меџити или наредба на Артан Груби?!
 
Фатмир, дали и за овој неуспех е виновно минатото раководство на Министерството за здравство и поранешниот министер? Која е обврската што оваа власт ја има кон Кочо Анѓушев и зошто власта дозволува да гази над лешовите од пожарот на 8 септември 2021 година, само за да има корист уште неколку милиони евра?! А што друго треба да се случи за Ковачевски и Фатмир Меџити да поднесат оставки и да се извинат за сите овие штети што им ги нанесуваат на граѓаните?!
 
Освен нив, каква е одговорноста на главниот обвинител Лубомир Јовевски, кој наместо да му се обрати на виновникот и да бара виновници меѓу оние што ги изградија тие модуларни болници, поднел тужба за споредна одговорност, игнорирајќи ја основната одговорност на фирмата изведувач, на нарачателите и поддржувачите на оваа компанија? Уште колку жртви треба да се случат, колку луѓе треба да изгорат во пламен за обвинителството да почне да се занимава со виновниците?
 
Во земја каде пациентите горат во болница, каде што функционерите бројат милиони, каде што обвинителите се потсмеваат на жртвите и каде што виновниците се наградуваат со милиони повеќе, дојде време да се каже дека оваа земја е целосно банкротирана и треба да се рестартира”, изјави Беким Сали.