Министерството за внатрешни работи, поточно Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини Висар Ганиу и Биљал Касами.
Имено, за време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, г.Албин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул.„Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон.
МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.