Промоција на „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова во Софија

Сподели

 

На 7 септември, ден пред Денот на независноста – 8 Септември, во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија ќе се одржи промоција на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова. На промоцијата ќе се обратат: издавачот Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров, директорот на КИЦ на РСМ во Софија Сашко Насев, како и Дита Старова-Ќерими – уметник, директорка на Националната галерија на С Македонија и ќерка на авторот.

Двете книги, преведени на бугарски јазик, излегоа од печат оваа година како изданија на издавачките куќи „Персеј“ и „Изида“.

– Преку личниот расказ за едно семејство, големиот македонски писател со албанско потекло, Луан Старова (1941 – 2022), во својот роман „Цариградски емигрант“ ја раскажува приказната за Балканот, регион каде што интересите на големите империи и цивилизации се судираат едни со други на грбот на народи со различни судбини. Така, книгата на уникатен начин ја прикажува универзалната тема за емиграцијата со расказ за едно од многуте семејства што го доживеале тоа − информираат од КИЦ – Софија.

„Цариградски емигрант“ е еден од последните романи во издание на „Персеј“, во превод на Маријан Петров. Припаѓа на неговата повеќетомна „Балканска сага“, дел од книгите кои се познати и за бугарските читатели: („Балканвавилонци“, „Балкански клуч“, „Ервехе“, „ Амбасади“). Книгите од оваа сага се преведени на над дваесет јазици.

− „Граница“ (во издание на „Изида“ и превод на Маријан Петров) е интимен поглед кон балканската трагедија да преминуваш граници, да бегаш од својот дом и да се обидуваш да пуштиш корени во туѓа земја… Оваа книга е за балканските граници, за нивното заплеткување во судбините на луѓето − потенцираат од КИЦ во Софија, најавувајќи ја промоцијата на двете изданија.