Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул, Турција, вечер (7 септември) во 20 часот концерт ќе одржи триото составено од македонските музичари Татијана Петрушевска (обоа), Маријан Милошевски (фагот) и Петар Макариевски (пијано). На концертот „Музичко патување во Истанбул“ ќе бидат изведени дела од македонските композитори Костадин Делиниколов, Горан Начевски, Ристо Аврамоски, Томислав Зографски, Филип Иванов и Вања Николовски-Ѓумар.
Овој концерт заеднички го организираат КИЦ – Истанбул и Здружението на Истанбулската филхармонија.
Претходно, во просториите на овој културен центар беше отворена изложбата на македонскиот реномиран фотограф Иван Блажев. На изложбата со наслов „Во 3 наутро“ е претставена серија моќни портрети направени во вечерните часови во македонската метропола.
Во КИЦ – Истанбул беше претставена и изложбата „Истанбул од очите на балканскиот фотограф“ на фотографката Долорес Вукановиќ, која на уникатен начин ги доловува уличните слики од градот.