За квалитетно образование на децата со посебни потреби, неопходно е сите да ја прифатиме инклузијата

Сподели

 

 

Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје има благородна мисија да школува кадри без кои не може да се реализира заложбата за квалитетно образование достапно за секое дете. Специјалните едукатори и рехабилитатори се дел од инклузивните тимови во основните и средните училишта, а како стручни лица овозможуваат целосно реализирање на улогата на основните училишта со ресурсен центар во поддршката на учениците, на родителите или старателите, на воспитно-образовниот кадар и на пошироката општествена заедница, за да можат да одговорат на различните потреби на децата и младите.

Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири во поздравниот говор на Меѓународната научна конференција во Охрид, посветена на специјалната едукација и рехабилитација, со која се одбележува 30 годишниот јубилеј на Институтот што обезбедува образование и стекнување вештини во областа на специјалната едукација и рехабилитацијата, по највисоки стандарди.

Како општество определено кон еднаквост и недискриминација, превенирање и сузбивање на стереотипите и елиминирање на предрасудите, и во образованието имаме стратешка цел да обезбедиме воспитно-образовен процес по мерка на ученикот, земајќи ги предвид индивидуалните потреби за развој. Согласно новата Концепција за основно образование и посебната Концепција за инклузивно образование, правото на квалитетно образование како право на секое дете, најдобро се остварува ако децата, вклучително и тие што имаат посебни образовни потреби, учат заедно, во иста образовна средина“, рече министерот.

Говорејќи за актуелната состојба со инклузивното образование, Шаќири наведе дека расте опфатот на деца со посебни образовни потреби во редовните основни училишта а за нив, од учебната 2021/22 Министерството за образование и наука обезбедува образовни асистенти. Годинава, со основците работат повеќе од 800 образовни асистенти, а пред две години беа 500.

 

 

Насочени сме и кон подобрување на пристапот во училиштата. Министерството за образование и наука со поддршка од Светска банка, обезбеди средства за реконструкција на 118 основни училишта во целата држава, за подобрување на пристапноста до и во објектите, како и за подобрување на хигиенско – санитарните услови. Тоа значи изградба на пристапни рампи и на посебни тоалети за учениците со попреченост“, укажа министерот Шаќири, додавајќи дека за набавка на опрема, дидактички средства и асистивна технологија во основните училишта со ресурсен центар, во изминатите две учебни години се инвестирани 3,5 милиони денари. Воспитно-образовниот кадар кој работи со децата со посебни образовни потреби, добива системска поддршка и преку акредитирани обуки.  

Осврнувајќи се на важноста на градење инклузивна општествена клима, Шаќири посочи дека за успешно вклучување на децата со посебни образовни потреби во редовниот воспитно-образовен процес неопходно е сите заедно да работиме на јакнење на свеста за прифаќање на различностите како богатство, на истакнување на примерите на емпатија и на остра осуда на каква било дискриминација.

Нема готови решенија за тоа како да стигнеме до добри училишта каде децата со посебни образовни потреби ќе бидат рамноправни со другите ученици а научните конференции се начин за проширување на светогледот и имаат голема важност за професорите, научните работници, практичарите како и за креаторите на политики, во формирањето и имплементирањето иновативни приоди“, рече министерот Шаќири.