“Ослободи ја својата фантазија” – Фестивал на детски театри “Игор Маџиров”

Сподели

 

Под мотото „Ослободи ја својата фантазија“, од 27 до 30 септември ќе се одржи второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ чија програма годинава е посветена на малите театарски форми.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а во следните денови публиката ќе може да ужива и во претставите: „Шума од песни“ на Институтот „Кускус“, арт-продукција, од Љубљана, Словенија; „Бременските музиканти“ на Театарот „Бабец“ од Битола; „Ова сум јас“ на Театарот „Поко локо“ од Загреб; „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ; „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци; „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.

На  Фестивалот, покрај „Гран при“, ќе бидат доделени и: награда за најдобра режија, две актерски награди, награда за сценографија, награда за коситмографија и специјална награда. Стручното жири е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, претседател, и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на Фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на „Стериин театар“. Новитет за оваа година е што ќе биде воведено и детско жири кое ќе има задача да ја оцени и да ја награди најдобрата претстава на Фестивалот по свој избор.

Инаку, годинава Фестивалот „Игор Маџиров“ почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности каде што ќе се одржи работилница за куклен театар наменета за студентите и веќе дипломираните актери и режисери, која ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на Фестивалот ќе има и работилница наменета за деца и наставници, на тема „Куклен театар“, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.

Претставите на Фестивалот, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура, ќе се изведуваат на сцените на: ТДМ, Театар „Комедија“, МНТ, Албански театар за деца и млади.