Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември, Светски ден на борбата против беснило, кој под мотото ,,Сите за еден, едно здравје за сите,, се надоврзува на успехот на концептот „Едно здравје“ од 2022 година. Фокусот е ставен на соработката, еднаквоста и зајакнувањето на здравствените системи во борбата со беснилото, за постигнување на глобалната цел – нула човечки смртни случаи од беснило пренесено од кучињата до 2030 година (# ZeroBy30).
Светскиот ден на борба против беснило е можност како институција да потсетиме дека борбата против оваа болест не е и не смее да биде само еден ден, туку да продолжи да се спроведува како и досега, континуирано и мултисекторски. Поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (WOAH) и Светската здравствена организација (СЗО), Форумот Обединети против беснило, преку концептот Едно здравје и годинава ги обединува и координира владите, производителите на вакцини, истражувачите, невладиниот сектор и развојните партнери секој, од својот домен на интерес да го вложат максимумот во остварувањето на глобалната цел – Нула смртни случаи од беснило до 2030 година, бидејќи за жал, се уште во светот на секои 9 минути од оваа болест умира по едно лице или околу 59 илјади луѓе со светски рамки – вели Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Фокусoт на светската кампања годинава ставен e на соработката и вакцинацијата, како основи на кои се темели борбата против беснилото и во земјава. Токму на овие основи и во изминативе години се реализираа активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во борбата против оваа болест која е еднакво опасна и за животните и за човекот.
-За среќа, во Република Северна Македонија во однос на оваа болест епидемиолошката состојба е стабилна. Од последните евидентирани случаи на беснило во 2012 година, кај мачка во радовишкото село Аргулица и кај волк во кочанското село Главовица, во земјава нема беснило. Како одговорна институција, навреме ги преземаме потребните мерки за контрола на состојбата. Во моментов, во тек е спроведувањето на информативна кампања Стоп Беснило, која се реализира на 12 локални радио станици со емитување на едукативни радио спотови за препознавање на болеста и пријавување на сомнителни случаи. Во рамки на оваа кампања на АХВ, подготвени се и постери и флаери – потенцира Бабовски.
Тој додава дека заради подобрување на пасивниот надзор на болеста од страна на граѓаните и ловните друштва, потребно е да ги пријават сите случаи на сомнеж при пронаоѓање на угинати диви животни, пред се лисици, но, и каснување од домашните миленици и бездомните кучиња со цел да се спроведе официјален надзор и тестирање на беснило.
Во однос на дивата популација, почнувајќи од 2011 година, со поддршка на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе 19 кампањи на орална вакцинација на лисиците. Оваа година спроведени се 2 кампањи, во јануари и во мај. Според планираното, есенва ќе се спроведе уште една кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило, со авионско фрлање на мамки на целата територија на земјава.
Како прв човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, институција одговорна за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, но, пред се како ветеринар и љубител на животни, до граѓаните апелирам да бидат одговорни сопственици. Чувањето на милениците, не значи само обврска за обезбедување дом и храна за нив, туку и посветено водење сметка за нивна здравствена заштита. Примарно е милениците да се микрочипираат и да се вакцинираат против беснило, обврска која треба да се спроведува секоја година и со која ќе се обезбеди здравје и заштита од беснилото на милениците, но и на семејството и општеството во целина.