Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими делегација на истакнати припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенција за права на заедници, Изета Бабачиќ, наставничка и автор на учебници на босански јазик, Санадин Володер, новинар од БиХ, Енис Дрндар, експерт за безбедност на инфраструктура на енергетски сектор – МЕПСО, Армин Мандал, репрезентативец во виртуелен Е-фудбал и Елвира Меќиќ, медицинска сестра и хуманитарен работник.
Соговорниците го информираа претседателот Пендаровски за предизвиците со коишто се соочуваат припадниците на нивната заедница како и за активностите насочени кон остварувањето и унапредувањето на националните права на Бошњаците во државата, во сите општествени сегменти. Во тој контекст, беше нагласена заложбата за афирмирање и употреба на босанскиот јазик во образовниот процес и во јавните информативни сервиси, како и за правична застапеност на Бошњаците во државните и јавните институции.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираниот и посветен придонес на бошњачката заедница во градењето и негувањето на нашето мултиетничко општество, кое е позитивен пример во меѓународни рамки. Честитајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, претседателот ја реафирмираше неговата поддршка и лична заложба за обезбедување на правата на сите етнички заедници, во насока на овозможување еднаков третман и шанса за секој поединец, што пак е клучен предуслов за севкупен развој на нашата држава.
Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
“Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Северна Македонија, на сите припадници на бошњачката етничка заедница да им го честитам 28 Септември ‒ Меѓународниот ден на Бошњаците и најискрено да посакам денешниот ден да го поминат во добро расположение, исполнети со радост, среќа и бериќет.
Бошњачката заедница е нераскинлив дел од нашето мултикултурно, мултирелигиозно и мултиетничко општество и со останатите заедници суштински придонесува за напредок и развој на нашата татковина. Преку празнувањето на 28 Септември уште еднаш упатуваме порака за заедништво и сплотеност. Со почитувањето и споделувањето на културните различности и традиции сме поблиску до остварувањето на нашата заедничка цел ‒ демократска, просперитетна, развиена Република Северна Македонија.
Нека ни е честит празникот.”