Јубилејно 20-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“

Сподели

 

Со изведба на претставата „Антигона“ од Жан Ануј и идеи и фрагменти од Софокле, Рој Хен и Александар Морфов, во режија на Александар Морфов и продукција на Драмскиот театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија, на  големата сцена „Петре Прличко“ во велешкиот театар  в понеделник (2.10.2023 г.) во 20:00 часот ќе почне дваесеттото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.

Во рамките на Фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Нови манифести“,  во официјалната и во придружната програма ќе бидат одиграни девет претстави на театарски куќи од Србија, Турција, Бугарија, Казахстан, Грција и од македонски театарски продукции чиј интерес е античката драма и нејзините современи наративи.  

За време на Фестивалот ќе бидат поставени и три изложби на фотографии и мултимедиуми, ќе се реализираат четири работилници, ќе се одржи панел-дискусија, а за секоја претстава во официјалната селекција ќе се одржи и тркалезна маса. Во рамките на Фестивалот ќе биде промовирано и третото издание на традиционалната фестивалска публикација.

Традиционално ќе бидат доделени четири меѓународни награди: награда за најдобра женска улога, награда за најдобра машка улога, награда за најдобра режија и „Гран при“ на Фестивалот.

Дваесеттото издание на ИФАД „Стоби“, што ќе трае до 20 октомври, се реализира со поддршка од  Министерството за култура.