Собраниска делегација во набљудување на Парламентарните избори во Полска

Сподели

 

Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Игор Јанушев, шеф на Делегација, Моника Зајкова и Халил Снопче, членови на  Делегацијата, учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламенарните избори во Полска, што се одржаа  на 15 октомври 2023 година.  

 

 

Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Варшава, како и во другите  региони на Полска.

Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваа со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и со Парламентарното собрание на Советот на Европа. Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Полска  вклучува над 100 набљудувачи што е јасен сигнал за големиот интерес на меѓународната заедница за претстојните избори во Полска.

Претседателката на ПС на ОБСЕ, Пиа Каума (Финска) е назначена за  специјален координатор на Мисијата, додека Пере Џоан Понс (Шпанија) е шеф на делегацијата на ПС на ОБСЕ. Парламентарното собрание на ОБСЕ со оваа мисијата за првпат ги набљудува изборите во Полска. Овие избори се особено значајни заради неодамнешните промени во Полска во нејзината изборна правна рамка како и високото поларизирано политичко опкружување.

Во текот на два дена пред изборите, изборните администратори, експерти, претставници на политички партии, претставници на медиумите и на граѓанското општество обезбедија брифинзи за набљудувачите. Се изрази уверување дека разновидниот тим ефективно ќе соработува за да обезбеди непристрасна и точна проценка на спроведувањето на овие избори.

Двата тима на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија ги набљудуваа изборите во различни делови на главниот град Варшава каде што посетија по петнаесетина изборни места и поднесе писмени извештаи за своите согледувања.

На маргините на овој настан, Делегацијата на Собранието оствари работна средба со Кирјакос Хаџијани (Кипар), потпретседател на ПС на ОБСЕ и специјален претставник за Југоисточна Европа на која се  разговараше за можностите на подобрување на соработката меѓу земјите на Југоисточна Европа.  

Мисијата за набљудување на изборите, која е распоредена по добиената покана од Државната изборна комисија на Полска  проценува дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхагенскиот документ на ОБСЕ од 1990 година. На 16 октомври, ден по изборите, набљудувачите ќе ја презентираат прелиминарната изјава за процена на изборите на прес-конференција во Варшава, која ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).

 

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.