Претседателката на ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, на покана на Европскиот парлементарен форум, учествуваше на Интернационалната конференција за население и развој на ОН, од 18 – 20 октомври, во Женева.
На конференцијата се дискутираше на три главни теми:
1. Динамика на населението и одржлив развој; 2. Семејства, сексуално и репродуктивно здравје во текот на животот; и 3. Нееднаквости, социјална вклученост и права.
Во рамки на конференцијата, Морачанин учествуваше и на дебатата на Парламентарниот форум, на теми од областа на родовата еднаквост, подемот на анти-родовите движења, сексуално и репродуктивно здравје и права, демографија и планирање на семејството.
Според комбинираното рангирање за сексуалното и репродуктивно здравје и права, Македонија е со 73.9%, на скалата од 0 до 100%.
Најслаб резултат имаме по однос на политиките за пристап до контрацептивни средства, советување за планирање на семејството и онлајн информации за контрацепција-46.9%.Клучни идни чекори треба да бидат воведување на задолжително сеопфатно сексуално образование и најмалку едно контрацептивно средство на позитавната листа на лекови.