Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес имаше свое обраќање на вториот парламентарен Самит на Меѓународната Кримска платформа, каде од негово лично име и во име на Собранието на РС Македонија даде поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, воспоставување на мирот и просперитетот во регионот и одбрана на човековите права и слободи.
“Од самиот почеток сум цврсто убеден дека стоиме на вистинската страна на историјата и дека нашата поддршка ќе биде многу значајна во ослободувањето на Крим и зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
По одржувањето на Првиот парламентарен самит на Кримската платформа минатата година во Загреб, согласно Заедничката декларација од Самитот, во Собранието на РС Македонија формиравме Интер-партиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа. Во групата членуваат координаторите на пратеничките групи во Собранието и истата е отворена за членство на сите пратеници, а тројца од нив се присутни и тука на овој Самит.
Со оглед на текот, оваа војна може да трае подолго и жртвите кои се резултат на ваквите големи конфликти се неминовни. Сакам да ја нагласам потребата од доследно расветлување на грубите злоупотреби на човековите права, кршењето на меѓународното хуманитарно право и негирањето на граѓанските и политичките права од страна на Руската Федерација во Украина. Покрај недвосмислената осуда на неоправданата воена агресија против Украина, неопходно е ние, претседателите на демократски избраните парламенти, да го истакнеме и мулти-димензионалното влијание на оваа војна и хуманитарните последици од неа. Зборувам за милионите внатрешно раселени луѓе и воени бегалци, селективното гонење и тортура, сексуалното насилство, ризиците од трговија со луѓе, киднапирањето на кримските Татари и етничките Украинци и присилниот трансфер на украински деца од страна на Руската Федерација.
Претседавањето на РС Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), годинава на централно место ги става луѓето, а состојбата во Украина е секако еден од главните приоритети. Во тоа својство, го осудивме одржувањето на нелегалните, таканаречени „избори“ од страна на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, вклучително и Автономната Република Крим и градот Севастопол. Воедно, нагласивме дека какви било избори во рамките на меѓународно признаените граници на Украина може да се одржат единствено во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди.
Сакам да го изразам моето задоволство што Меѓународната Кримска платформа прерасна во тело кое ги обединува нашите заеднички напори за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, за воспоставување на мирот и просперитетот во регионот и одбрана на човековите права и слободи. Со тоа, ние ја браниме и Европа и целиот слободољубив свет, затоа што ова се вредности кои ги почитува и вреднува сиот демократски свет. “Како земја-кандидат за членство во Европската унија, РС Македонија верува дека институциите на Европската унија ќе ја одржат перспективата на проширувањето на Унијата со сите останати земји-кандидати како кредибилен и визибилен процес базиран на заслуги, имајќи ги во предвид и актуелните геополитички безбедносни предизвици.“
Дозволете ми во име на нашата земја, во име на Собранието на РС Македонија и во мое лично име, да ја потврдам поддршката за украинскиот народ и држава со сите наши можности, сè до целосната слобода на Украина.”