Европската банка за обнова и развој е една од најзначајните и најактивна меѓународна финансиска институција во земјава која има голем придонес во постигнатиот напредок и развој на земјата. Заедно со ЕБОР во изминатиот период се реализирани 175 проекти во вкупна вредност од 2.554 милиони евра и таквата плодна соработка ќе продолжи и во иднина. Ова беше истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директор на ЕБОР за Западен Балкан Матео Колангели и новиот шеф на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Фатих Туркменоглу.
Министерот на средбата до Туркменоглу упати честитки за преземањето на новата должност и му посака успех, напредок и идна плодна соработка во реализација на многу проекти коишто значат развој и просперитет на нашата земја.
„Уверен сум дека веќе воспоставената соработка со ЕБОР ќе продолжи и во наредниот период преку подготовка и реализација на приоритетни проекти кои имаат големо позитивно влијание врз нашата економија и условите за живот на граѓаните. Тоа е заедничка цел и очекувам широка поддршка во остварување на поставените приоритети“, истакна министерот Бесими.
На средбата стана збор за проекти коишто во моментов се реализираат со поддршка од ЕБОР во енергетскиот сектор и инфраструктурата и за нивниот понатамошен тек, како и за поддршката што се очекува во делот на енергетската транзиција од јаглен кон чиста енергија за што стојат на располагање 85 милиони американски долари преку Климатски инвестициски фонд со цел забрзана енергетска транзиција и справување со предизвиците во реализацијата на тој процес. ЕБОР ќе биде главна меѓународна финансиска институција на земјава со чија помош ќе се реализира овој процес.
Исто така, на средбата беше посочено дека РС Македонија веќе презема и активности во однос на иницијативата за проширување на работењето на ЕБОР во супсахарска Африка и Ирак покрената на Годишниот состанок во 2023 година во Самарканд.