Меџити: Мило ми беше кога ги видов лицата и очите на пациентите со цистична фиброза

Сподели

 

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, утрово гостуваше во студиото на Слободен печат кадешто се дискутираше за најактуелните теми во јавното здравство.
 
Меџити истакна дека од првиот ден како министер се соочувал со проблематиката за лекот Трикафта со што брзо се издејствувало.
 
„Прво беше планирано за осум пациенти, донесовме Трикафта за 12 пациенти. И искрено, мораме да признаеме сите дека никој не веруваше дека сега ќе донесеме за 55 пациенти лек Трикафта за толку кратко време. Се изборив лично самиот во владин кабинет, морам да упатам благодарност и на премиерот, на Министерството за финансии и на сите владини колеги дека навистина имаа слух за оваа проблематика. Обезбедивме 100 милиони денари за до крај на 2023, лекот го донесовме за овие 12 пациенти и постепено ќе се вклучуваат и дополнителни пациенти“, рече Меџити.
 
Во емисијата, тој изјави дека многу му било мило кога ги видел лицата и очите на претставниците од Асоцијацијата на цистична фиброза кои биле благодарни.
 
„Вчера навистина многу ми беше мило кога ги видов лицата и очите на тие пациенти што беа од Асоцијацијата и што ги претставуваат пациенти со цистична фиброза, навистина беа благодарни. Тоа според мене како министер, како човек и како невролог е свето право, секој пациент да го добие тој лек што значи живот, и ние така ќе постапиме. Веќе сите сфаќаат дека здравството мора да биде сериозна тема, мора да се води како што треба, мора да се води сметка и да се има стратегија. Во минатото морам да признаам навистина немало стратегија, затоа се соочуваме со голем дефицит на професионален кадар низ целата држава. За тоа сме тука, да ги решаваме сите системски проблеми, веќе да не дозволиме – можеби ќе има некој проблем и ќе се појавува, но здравството е жива материја, ние сме тука многу енергично и динамично да издејствуваме“, посочи Меџити.