Интервју на Генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, за The Economist

Сподели

 

Алкалоид АД секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд, без оглед на тоа за која позиција станува збор

 

mukaetov_za_sa_t
 

 

Посебно ми е драго што во специфични услови на функционирање, особено во изминативе три кризни години, успеавме да ги осигуриме пласманите на сите пазари каде што сме присутни

 

Aлкалоид наскоро ќе одбележи 90 години од своето постоење. Како успевате да го задржите и одржите врвот во фармацијата на национално и регионално ниво?

Чинам дека Алкалоид е дел од мојата ДНК. Мојот татко, учител и ментор, но и еден од основоположниците на модерниот Алкалоид, Трајче Мукаетов, во компанијата помина 34 години од својот работен век, во навистина турбулентни времиња. Јас сум дел од Алкалоид близу 25 години, а речиси 18 сум на позицијата генерален директор. Во својата деветдецениска историја, Алкалоид надминал многубројни кризи, но секој пат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци, години наназад.

 

Во последните 18 години, компанијата бележи постојан раст, на што се должи тоа?

Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

 

Важите за водечки инвеститор во регионот на Западен Балкан. Бевте прогласен за лидер на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан. Што за вас претставува ова признание?

За инвестициските потфати од 2018 до 2022 година, чиј износ достигна сума од 104,1 милиони евра, Алкалоид АД Скопје доби признание за „најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум WB6. Оваа, 2023 година, ќе ни биде рекордна инвестициска година, со вложени околу 30 милиони евра. Континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето ќе остане и натаму високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“.

 

Живееме во време кога светот го опкружуваат низа предизвици, многу компании изминативе години ставија клуч на врата поради големите загуби кои ги претрпеа, а вие успеавте да го зајакнете присуството на многу европски пазари. Кои се најголемите проблеми, бариери, ограничувања и предизвици со кои се соочувавте како компанија?

Геополитичките случувања никако не одат во прилог на економијата особено оваа година, па предизвиците се огромни. Здравствената криза минатата година доби предзнак воена, а потоа и енергетска. Се соочивме со големи нарушувања во синџирот за набавки, недостаток на суровини и репроматеријали, посебно ми е драго што во специфични услови на функционирање, особено во изминативе три кризни години, успеавме да ги осигуриме пласманите на сите пазари каде што сме присутни и останавме партнери од доверба на здравствените системи и деловни партнери, обезбедувајќи непречено снабдување со високо квалитетни производи по достапни цени и покрај нарушените дистрибутивни канали.

 

Како кај вашата компанија влијае високата инфлација во поглед на работењето?

Инфлацијата се одрази на работењето на сите компании. Од една страна, порастот на животните трошоци наметна потреба од зголемување на платите, кое го направивме на неколку наврати изминативе три години. Од друга страна, се соочивме со неколку кратен раст на цените на некои од клучните суровини и материјали, кое наметна дополнителни непредвидени трошоци. И покрај, де факто, зголемените расходи, фармацевтските производи припаѓаат на строго ценовно регулирана категорија на производи, па повеќето од цените се замрзнати, односно не се дозволуваат корекции од државните институции надлежни за регулирање на цените. Сите овие непланирани расходи се одразија врз севкупното работење на компанијата, но ние го подигнавме нивото на претпазливост, економичност и ефикасност секојпат настојувајќи максимално да ги оптимизираме процесите во компанијата.

 

Континуирано го ширите вашето портфолио со нови производи и освојување нови пазари и клиенти. Како сте задоволни од досегашниот тек?

2023 година ќе ја заокружиме со над 70% од нашите пласмани наменети за извозните пазари, што се однесува на сума од над 180 милиони евра. За да бидеме конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри на сите територии каде што сме присутни, во производствено портфолио, во маркетинг… Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок и спор. Но процесот на глобализирање на брендот Алкалоид е отпочнат пред околу две децении и во тој поглед ние сме комплетно подготвени за адаптација на веќе прифатените законски, правни, етички, деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високо развиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични.

 

Колку нашата држава им помага на компаниите за да развијат успешна извозна стратегија? Има ли можности за некои промени? Спроведување некои практики од други земји?

Во динамична индустрија каква што е нашата, пласманите обично се правопропорционални со инвестициите, вештините и знаењето, кои изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производно портфолио, кое придонесува за подобро глобално позиционирање на брендот Алкалоид.

Согласно македонскиот закон за поддршка на инвестициите, македонските компании кои се извозно ориентирани, добиваат приближно 10% субвенции за инвестициите, со ограничен максимален износ на субвенцијата на годишно ниво. Од друга страна пак, во Европската унија, субвенциите за инвестиции кои фармацевтските компании ги добиваат, изнесуваат половина од вкупната вложена сума. За илустрација, инвестициите на Алкалоид во 2022 година изнесуваа близу 24 милиони евра, во главно алоцирани за нашиот нов мега- проект „Таблетно 2“, а поддршката оваа намена би била максимум 1 милион евра. Сепак, и за оваа иницијатива сме благодарни, затоа што до 2018 година воопшто не постоеше никаква поддршка за македонските извозници. Инвестираме во извозот, затоа што имаме знаење, капацитет, високи стандарди во работењето и можеме достојно да се носиме со кој било производ од наш сегмент во светот.

Поддршката на инвестициите на извозно ориентираните компании, кои работат на полето на иновации и истражување и развој, носат многубројни придобивки. Како за самите компании во однос на зголемување и осовременување на капацитетите, така и за државата, во насока на зајакнување на економијата, градење на компании и производи со додадена вредност, нови вработувања и слично.

 

Кои производи ви се најзастапени во извозот, на некој начин предводници на порастот?

Од категоријата фармацевтски производи, која предничи во извозните пласмани, се антибиотиците. По нив следат производите кои се издаваат без лекарски рецепт, кардиолошките препарати, препаратите за третман на централниот нервен систем, па козметиката и чаевите.

 

Изминатава година вложивте во фотоволтаични системи со кои обезбедивте извесно покривање на сопствените потреби од електрична енергија, инвестиравте во пречистителна станица на локалитетот во Автокоманда, со што го подобривте третманот на отпадните води. Кои се вашите планови во оваа насока?

Системот за управување со енергија во Алкалоид е имплементиран во 2018 година во соработка со Фондот за индустриски развој на Обединетите Нации (UNIDO). Првата фотоволтаична постројка, за која инвестиравме 165.000 евра, започна со работа во 2021 година. Во текот на 2022 година, инвестиравме дополнителни 668.000 евра за 12 нови постројки, а очекувањата се дека тие треба да обезбедат заштеда од 1.480 MWh енергија на годишно ниво. Од 2018 до 2022 година, преку доследно имплементирање на нашите проекти за заштита на животната средина, Алкалоид има заштедено 8.193 MWh енергија, 233.194 m3 вода и намалена емисија на стакленички гасови од 41.401 тони CO2. Сите овие заложби се во насока на исполнување на стратегијата на компанијата за одговорно однесување кон животната околина и заедницата, која ЕСГ стратегија се темели на нагласена грижа за животната околина, со ставање на посебен акцент на енергетската ефикасност и користењето на алтернативните извори на енергија; грижа за здравјето и безбедноста на вработените и поддршка на заедниците во кои живееме и функционираме.

Одговорното однесување кон животната околина и заедницата се маратон, кој е составен дел од секојдневието на секој еден вработен во Алкалоид Групацијата, во сите земји каде што имаме воспоставено операции. Во иднина, ЕСГ сегментот ќе се проширува и интензивира, пренесувајќи се на сите иматели на удели во Алкалоид со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.

 

Алкалоид е етаблиран и многу посакуван за бизнис-партнерски соработки особено на странските пазари, кои се критериумите кои треба да ги исполнува една компанија за да биде ваш соработник/партнер?

Во листата на добавувачи на Алкалоид на македонскиот пазар, регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија. Листата на соработници и партнери во земјава и регионот брои над 1.500. Во сите наши операции, ние се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија или поединец со која имаме воспоставено каков било вид соработка.

 

Човечките ресурси се клучни за успехот во компаниите, каква е вашата стратегија за унапредување на кариерата во Алкалоид?

Алкалоид АД, како компанија, секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд, без оглед на тоа за која позиција станува збор. Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во тој процес, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадри од стручните сфери. Како и во секоја успешна и амбициозна компанија, огромен предизвик е да се одржи високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности особено во услови на функционирање исполнети со бројни непредвидливи аспекти.

Алкалоид на годишно ниво алоцира значајни ресурси во разни бенефиции наменети за вработените во форма на финансиски надоместоци, интерни и екстерни обуки, доедукација, дополнително здравствено осигурување, грижа за најмладите во семејствата и слично. Можностите за развој на професионалната кариера во компанијата се големи, а како потенцијал, се трудиме да важат подеднакво за секој вработен.

 

Фондацијата „Трајче Мукаетов“, именувана по вашиот татко, стипендира многу студенти од областа на медицина и фармација, каква е вашата соработка со стипендистите, колку од нив ја искористиле можноста да работат во Алкалоид?

Во служба на квалитетна едукација и продуцирање на идните компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата, во 2007 година Алкалоид ја основа Фондација „Трајче Мукаетов“, која до денес, има стипендирано 659 студенти по фармација и медицина  на државниот универзитет, а по основ на стипендии и еднократни парични награди за првенците на генерации, досега имаме инвестирано околу 130 милиони денари. До денес, 101 од стипендираните студенти својата кариера ја започнале во Алкалоид.

 

Можеме ли да најавиме освојување на нови пазари? Нови инвестиции?

2023 година на глобално ниво беше исполнета со многу предизвици: нестабилни цени на суровини, пад на индустриско производство во регионот, зголемување на невработеноста, раст на инфлацијата – што се само некои од насловите кои можеше да се прочитаат во економските анализи по медиумите. Нашава земја во изминативе години, помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Факт е дека секоја компанија во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност која владее и се чувствува не само во земјава, туку и на останатите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на сѐ поизразените административни бариери. Алкалоид, благодарение на успешното управување со пазарните текови и високото ниво на оперативен менаџмент, успеа да ги осигури пласманите и да го зачува интегритетот на секој вработен и секој акционер на компанијата. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот Алкалоид, достоинствено и посветено, со практикување високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции.

The Economist