Советот на Собранискиот канал ги усвои актите за старт на програмата

Сподели

 

Советот на Собранискиот канал денеска ја одржа првата седница во овој пратенички состав. Членовите на Советот, едногласно, со по девет гласа „за“, ги усвоија Деловникот на Советот на Собранискиот канал, Годишната програма и годишниот план за видот и содржината на програмите за 2024, како и Финансискиот и инвестициски план за оваа година.

Со денешните одлуки Собранискиот канал ќе почне да емитува и програмска содржина подготвена во телевизиското студио кое се наоѓа во законодавиот дом. Граѓаните навремено точно и објективно ќе бидат информирани за законите, работата на претседателот на Собранието, генералниот секретар и пратениците, за средби со меѓународни и домашни претставници и со сите други надлежности, како што се носењето одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

 

 

Со Советот претседаваше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој потенцираше дека ова е значаен момент во развојот на капацитетите на законодавниот дом, кој ќе биде уште поблизу до граѓаните. Џафери рече дека со започнувањето на емитување на програмата на Собранискиот канал се реализира долгогодишната идеја на повеќе мандати на Собранието.

„Од овој Совет и од наредните кои ќе се формираат очекувам активно учество и создавање клима за конструктивна работа која ќе придонесе за напредок во процесот на отвореност и транспарентност. Целта на Собранискиот канал е да ја доближи работата на Собранието до граѓаните, односно да обезбеди програми од интерес за социјална кохезија, меѓуетнички соживот и културни разлики, како и пренос на дигитален ТВ сигнал до крајаните корисници – гледачите. Заложбата за функционален Собраниски канал збогатен со програмски содржини е резултат на заедничката посветеност со нашите пријатели и поддржувачи – Амбасадата на Швајцарската конфедерација и на Националниот демократски институт (НДИ) кон основните вредности – транспарентност, отчетност и граѓанско одлучување“, рече Џафери.

Според генералната секретарка, Цветанка Иванова, сè што е направено од 2006 година до денес во врска со реформата за Собранискиот канал, е со консензус и со знаење на сите претставници на политичките партии.

„Во тоа е убавината на овој проект. Со донесувањето на основнитге документи за работата на Собранискит канал, направивме значаен исчекор, ги удривме sвоната, го означивме стартот и нема враќање назад. Собранискиот канал, со работа може само да се надградува. Како што до сега со консензус го правевме овој проект, така да продолжиме. За сè што е во врска со Собранискиот канал да одлучуваме со консензус. Ова е моќна алатка во рацете на пратениците. Сакам да ја употребувате, а не да ја злоупотребувате“, рече Иванова, упатувајќи голема благодарност до Швајцарската конфедерација и НДИ за поддршката на проектот, како и до собраниската служба.  

Според координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реформата на Собранискиот канал е една од стратешките цели кои политичките претставници во Парламентот заедно ги реализираа.

„Покажавме големина, бидејќи се издигнавме над сите тековни политички проблеми со цел да го подигнеме нивото на транспарентност, видливост и сензибилност на Собранието во наредниот период. Се надевам дека ќе успееме да направиме програма врз основа на проекциите на емисиите кои треба да се емитуваат. Честитки до сите кои дадоа придонес реформираниот Собраниски канал да го види светлото на денот“, рече Мицевски.

Одговорниот уредник на Собранискиот сервис на МРТ, Виолета Димовска, рече дека, како и досега, заедно ќе се надминуваат сите предизвици во функционирањето на Собранискиот канал.

„Честитки за денешниот ден, секако дека во секој почеток има предизвици кои тековно, во од, се решаваат. Се надевам дека Собранието наскоро ќе го донесе и собранискиот календар со кој во голема мерка ќе се олесни и работата на Собранискиот канал. Така полесно би се вклопиле сите содржини, за гледачите да знаат во кој термин може да гледаат одредена емисија“, рече Димовска.

Со новата програмска шема, граѓаните ќе гледаат „Вести“, преку кои ќе бидат информирани за секојдневните настани во законодавниот дом.

Со емисијата „Собраниска ризница“, ќе биде опфатен историјатот на содржините во собраниската зграда. Во емисијата „Законодавен брифинг“ ќе бидат презентирани предлог-закони и донесените закони, а целта е јавнoста да биде изворно информирана за закони кои влегуваат во постапка.

„Интервју“ е информативна емисија во која ќе се реализираат интервјуа со раководството на Собранието и пратениците, како и на носители на функции избрани од Собранието.

Во пробниот шестмесечен период, согласно Изборниот законик, за време на избори, на Собранискиот канал, во соработка со МТВ, ќе биде емитувано и бесплатно политичко претставување на кандидатите.  

Советот на Собранискиот канал, кој како тело е основан уште во 2006 година, брои 10 членови и исто толку заменици. Во него соодветно се застапени пратеници од владејачките и од опозициските партии.

Во Советот на Собранискиот канал членуваат: Фаница Николоска, Даниела Николова, Дарко Каевски, Санела Шкријељ, Арбер Адеми, Ремзи Мемеди, Никола Мицевски, Владо Мисајловски, Бојан Стојановски и Сафије Садики-Шаини.