Над 1. 000 граѓани го посетија Собранието од почетокот на 2024 година, користејќи ја можноста, преку организираните обиколки, одблизу да ги видат знаменитостите во собраниската зграда и да се информираат за активностите на законодавната власт.
Според евиденцијата на Парламентарниот институт, во првите два месеци од годината се реализирани вкупно 27 обиколки низ Собранието, во кои беа вклучени 1. 159 посетители, во најголем број ученици и наставници од основните и средните училишта од целата држава.
Тие имаа можност да се запознаат со функционирањето и организацијата на законодавниот дом, да ги разгледаат најрепрезентативните простории и сали, да научат за историјата на македонскиот парламентаризам и за законодавниот процес.
Обиколките ги спроведуваат професионални водичи на македонски, албански и на англиски јазик и тие се бесплатни за сите посетители.
Сите кои се заинтересирани да бидат дел од организираните обиколки на законодавниот дом, може да се јават на телефонскиот број 02/3182-227 или да поднесат барање на електронската пошта на parl.inst.@sobranie.mk .