Демири: Ги прифаќаме препораките, ДСЗИ да спроведува контроли

Сподели

 

Министерството за здравство ја информира јавноста дека министерот за здравство, д-р Илир Демири ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис). Министерот Демири, ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица.
 
Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца.
Вакцинацијата против голема кашлица во Република Северна Македонија се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).
 
Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза  на возраст од 4четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
 
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
 
Вакцината против голема кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.