Турција-земја во фокусот на 6. Фестивал за илустрација и литература за деца „Литера“

Сподели

 

Под слоганот „Летаме заедно“, шестото издание на Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца „Литера“ ќе се одржи од 15 до 18 мај во Младинскиот културен центар во Скопје.

Како што соопштуваат организаторите, Фестивалот ќе понуди многу настани, активности и креативни изрази во едукативна и забавна атмосфера за малите и за големите.

Годинава Фестивалот „Литера“ го става акцентот на Турција како земја во фокус, а публиката ќе има можност да ги истражи културата, литературата и уметничките дела од оваа богата земја.

„Двајца исклучително талентирани илустратори од оваа земја ќе бидат гости на фестивалот и ќе го споделат нивното богато меѓународно искуство со нашите илустратори и автори“, информираат од „Литера“. Оттаму додаваат дека за првпат Фестивалот ќе организира и Саем за литература за деца, што ќе им овозможи на посетителите да откријат нови наслови и автори во светот на литературата за деца. „Литера“ предвидува многубројни активности и настани, вклучувајќи работилници, мастер-класови, литературни читања, книжевни и многу други забавни и едукативни активности за децата и за возрасните.