Спасовски: Корупцијата ја демаскиравме, бараме одговорност од сторителите

Сподели

„Само две недели нѐ делат од големата одлука. Од изборот меѓу надеж и безнадежност,  меѓу просперитет и зачмаеност во минатото, меѓу интеграција и целосна изолација. Затоа овие парламентарни избори се исклучително важни. Затоа и ги повикувам граѓаните со посебна одговорност да ја определат иднината на нашата татковина. Одговорност која ја имаме кон нашите предци, кон нас самите, а посебно кон нашите деца и внуци. Дали ќе им помогнеме да ги спакуваат куферите, давајќи им карта во еден правец кон некоја европска одредница како резервна татковина, броејќи ги деновите и месеците кога ќе ги видиме повторно, или ќе ги засукаме ракавите да го доработиме започнатото и Европа ќе ја донесеме тука“, рече Оливер Спасовски на денешната прес конференција во Куманово, како носител на кандидатската листа во ИЕ2 на Коалицијата За европска иднина.

Тој истакна дека откако темелите за европска иднина се поставени во претходниот мандат на владата предводена од СДСМ, време е за имплементирање на европските стандарди во секој сегмент од општеството, што ќе донесе и подобро и повеќе за сите. Според него, европските принципи и вредности мора да се прифатат и научат. Нив природно ќе ги донесе процесот на преговори и започнатите реформи, според кои Македонија ќе биде доизградена како просперитетна европска држава, чија основа е доброто управување, владеењето на правото и функционални институции, кои ќе бидат сервис на граѓаните.

„Наш приоритет и во наредниот период останува нула толеранција за корупцијата! Борбата ја започнавме. И тоа од нашите редови! СДСМ го покажа она што не можеше ни да се замисли во време на режимот – дека нема повластени личности, нема заштитени криминалци, нема недопирливи фамилии… Покажавме дека тој што се огрешил мора да одговара. Корупцијата не е поголема од претходно, напротив! Поголема е перцепцијата за неа, бидејќи пожестока е борбата против неа. Сега гласно зборуваме за оваа рак – рана на современото општество, која ја јаде вербата на граѓаните во демократијата, но и работните места. Сега отвораме истраги, бараме одговорност од сторителите, го одземаме бесправно стекнатото и го враќаме на граѓаните. Не ставаме под тепих, не потплатуваме новинари да молчат. Корупцијата ја направивме видлива, ја демаскиравме“, подвлече Спасовски, потсетувајќи дека доказ за посветената работа во борбата со корупцијата е скокот од 85 на 76 место на Индексот на перцепција на корупцијата на Transparency International.

Според Спасовски има уште многу да се сработи за да се дојде до посакуваните резултати. Во наредниот четиригодишен период планирана е дигитализација на процесите и минимизирање на вклученоста на човечкиот фактор во одлучувањето за административни постапки, како и  онлајн алатка за пријавување корупција. Меѓу новитетите е и Методологијата за проценка на ризик од корупција во конкретни сектори, според која онаму каде што ризикот ќе биде поголем, преку надзор, контрола и граѓанска вклученост ќе се застане на патот на корупцијата. За наредните четири години Спасовски најави силна борба и со корупцијата во правосудството, низ системска проверка на потеклото на имотот и конечно спроведување на процесот на „ветинг“ за сите судии и јавни обвинители.  

„За време на претходниот мандат, Македонија оствари голем напредок во делот на медиумските слободи.  Од заробена држава во времето на 11-годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, во која се апсеа новинари, а бројни медиуми се затворија затоа што не играа како што свиреше фамилијата, минатата година во извештајот на Репортери без граници бевме рангирани на 38-то место во светот, со скок од 80 места во однос на 2016 година и прва во регионот за слободата на медиумите. Покрај ова, ја зголемивме транспарентноста на институциите, вклучително и на МВР, кое од крајно затворена институција го  трансформиравме во институција чија транспарентност од година во година бележеше огромен напредок: од просечни 59.5% во 2016, до високи 87.5% во 2023“, посочи Спасовски, потсетувајќи на воведената Алатка за отчетност на трошоците на функционерите, спроведената дигитализација на инспекциските служби, опременоста на полицијата со камери – сѐ со цел побрза, полесна и поодговорна борба против корупцијата и криминалот. 

СДСМ, ИЗБОРИ 2024