Денеска почнува конститутивната седница на новиот состав на Собранието

Сподели

Денеска во Собранието треба да започне седницата на која ќе биде конституиран новиот парламентарен состав.

Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот, а на дневен ред се четири точки.

  • Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија;
  • Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија;
  • Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија;
  • Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.

Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници. Во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ ќе брои 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предовдена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ ќе има 14, а Левица и „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ ќе имаат по шест пратеника.

Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши, како што беше соопштено вчера се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“. Во меѓувреме и Билал Касами, претседател на Движењето Беса кое е исто така дел од оваа коалиција и актуелен градоначалник на Тетово, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.

Конститутивната седница ја свика претседателот на собранискиот состав во заминување, Јован Митрески, а со неа ќе претседава највозрасната пратеничка Мерита Колчи Коџаџику. По изборот, новоизбраниот претседател на Собранието треба да ја извести шефицата на државата Гордана Силјановска-Давкова дека се верификувани мандатите на пратениците.