Обвинителката Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција, на која специјалните јавни обвинителки го презентираа вториот извештај за работата на СЈО, рече дека денеска ќе бидат поднесени два обвинителни предлози. Едниот од нив, според зборовите на Фетаи, е за уништувањето документи поврзани со прислушувањето, а вториот за насилствата пред седницата на Советот на Општината Центар.
Образложувајќи ги случаите, Фетаи рече дека првото обвинение е поврзано со неовластеното следење на комуникациите. Таа рече дека обвинителството прибавило доволно докази и очекуваат за овој случај да има осудителна пресуда. Како што изјави Фетаи пред новинарите, освен доказите што биле презентирани во „Тврдина“, сега биле прибавени и докази за тоа кој, зошто и со какви средства прислушувал.
– Првиот предмет е од огромно значење за мандатот на ова обвинителство. Се работи за уништување документација поврзана со системите за прислушување. Преземајќи истражни дејства за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, обвинителството прибави доказен материјал и за други кривични дела. Првоосомничениот кој бил вработено службено лице во Управата за безбедност и контраразузнавање, незаконски, со усна наредба, формирал комисија за годишно ништење на документи и со другите шест члена што ја сочинувале комисијата ги ништел документите поврзани со прислушувањето. Биле уништени вкупно 2.047 документи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите. Членовите на комисијата извршиле селекција и попис за ништење на списите, во кои имало и класифицирани документи – рече Фетаи.
Како што појасни обвинителката, документите биле уништувани без никаква процедура.
– Во овој случај, има вкупно седум обвинети. Обвинетите, спротивно на сите закони, ги запалиле списите на локација што им била посочена од првообвинетиот. Уништени се и списи поврзани со работењето на системите за следење на комуникацијата – посочи Фетаи.
Вториот случај за кој СЈО денеска ќе поднесе обвинение до Основниот суд Скопје 1, според зборовите на обвинителката фатиме Фетаи, е преземан од Основното јавно обвинителство Скопје.
– Се работи за разговор од телефонска комуникација меѓу двајца припадници на извршната власт, кој е направен на 1 јуни 2013 година во 20.50 часот и трае 4 минути и 4 секунди. Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општината Центар, на која како точки на дневен ред биле ставени запирања на неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и оној за Мал Ринг – рече Фетаи.
Таа образложи дека за овој случај биле сослушани дваесетина сведоци, а некои од нив побарале и заштита. Поради законска неможност на СЈО да ги заштити, како што посочи Фетаи, ним им е овозможена само анонимност, како процесна заштита, и нивниот идентитет ќе остане непознат.
Во овој случај за кривично дело насилство обвинети се 14 лица, од кои пет лица кои се јавуваат како поттикнувачи и девет лица кои биле директни извршители на насилството.
– Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општина Центар. Ова јавно обвинителство презеде низа активности за да утврди дали содржината на снимката има своја завршница. Од доказниот материјал произлезе дека во јуни 2013 година првообвинетиот побарал, а второобвинетиот беспоговорно прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите што ги направи ова обвинителство упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова дело се чисто лукративни, за остварување на бизнис-интересите на партискиот врв – рече Фетаи.
Таа додаде дека во овие настани, освен материјалната штета, повредено било и едно лице.
Само 12 проценти од преслушани разговори се преслушани во СЈО, потврди портпаролката Ленче Ристовска. Таа рече дека тоа е поради условите кои ги имале во објектот каде претходно беа сместени и се надева дека тоа ќе се промени поради тоа што сега се сместени во нови простории.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска, презентирајќи го вториот извештај за работата на СЈО, изрази подготвеност истиот да го презентира и пред пратениците во Собранието и пред Советот на јавни обвинители. Јанева апелираше законодавниот дом да ги донесе бараните измени во Законот за заштитени сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на случаите како тој на Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“.