Одбележување на 11 јули, Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница

Сподели

“Годинава се собравме повторно во Собранието на Република Северна Македонија да го одбележиме Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница – грозоморниот настан кој секојдневно нѐ потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, на владеењето на правото, на соживотот, на демократијата и на почитувањето на човековите права. Особено на основното човеково право на живот, што злосторнички беше прекршено летото 1995 година, кога за само неколку дена згаснаа илјадници животи и илјадници семејства беа завиени во црно”, изјави денеска Африм Гаши на одбележувањето на 11 јули, Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.

Мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и почитувањето на човековите права се круцијални вредности што треба да ги чуваат, негуваат и надградуваат сите цивилизирани и демократски општества, во ерата на глобализацијата, кога од нашето поблиско, но и подалечно опкружување, се уште стигнуваат вознемирувачки вести за воени судири. 

Од името на пратениците во Собранието и од мое лично име изразувам искрено сочувство за жртвите на геноцидот во Сребреница до членовите на нивните семејства, до  граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина и до нашите сограѓани Бошњаци.  

Геноцидот во Сребреница од пред 29 години се уште е свеж во колективната меморија, особено меѓу граѓаните на овие простори. 

Во јули 1995 година, за само неколку дена, беа убиени над осум илјади Бошњаци, од полугодишна до 90-годишна возраст, во едно од најголемите злосторства на територијата на Европа по Втората светска војна.  Илјадници семејства останаа без синови, татковци, браќа, сестри, мајки…

Стотици исти или слични презимиња запишани на  мермерните плочи во Поточари се неми сведоци за егзекуција на цели генерации во едно семејство.

Илјадници мајки од Сребреница, по војната, се вратија во своите празни и разрушени домови, за да бидат блиску до гробовите на своите најблиски, додека по илјадници жртви на геноцидот се уште се трага по масовните секундарни или терцијарни гробници низ разни предели на тој регион.

Затоа не треба да бегаме од тоа овој трагичен чин на масовно крвопролевање да го наречеме со вистинското име – геноцид. А геноцидот не е настан што се случува спонтано и што настанува сам по себе. Тој има автор, тоа е планирана и организирана акција, со намера на истребување и уништување на другиот, во овој случај на Бошњаците од Босна и Херцеговина.

Тоа беше причина и Северна Македонија, заедно со повеќето земји  во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува  негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Оваа Резолуција, како што истакнаа и нејзините предлагачи, не е насочена против никого посебно, туку се однесува единствено на извршителите на геноцидот, кои секако се општо познати, а за некои веќе се извршени и меѓународни пресуди за воени злосторства.

Собранието на Република Северна Македонија секоја година го одбележува Денот на сеќавање на геноцидот од 1995 година, откако во 2010 година,  со Декларација, е поддржана Резолуцијата на Европскиот парламент  за Сребреница.

Тоа е наш начин за оддавање почит кон насилно одземените животи, сочувство кон нивните најблиски и катарза на човечкото во сите нас како индивидуи, како општества и како држави.

Тоа е наш начин да испратиме порака до светот дека односите меѓу државите треба да се градат врз основа на добрососедство и мирљубива соработка. Дека помирувањето, трајниот мир меѓу народите, стабилноста и просперитетот во регионот  се предуслов за продолжување на процесите на интеграција, водејќи се при тоа од нормите на меѓународното право и принципите на правда, правичност и рамноправност меѓу граѓаните, независно од верската или етничката припадност.

Ние треба да испратиме порака и до нашите деца, до идните генерации, дека треба да ги почитуваат различностите и да се спротистават на омразата, на предрасудите и на стереотипите. Затоа геноцид како во Сребреница не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори, изјави Претседателот Гаши.