Мицкоски: Вистинско прашање е зошто Грција не го почитува договорот од Преспа

Сподели

„Не се согласувам со вашата констатација дека не го почитувам договорот од Преспа. Не сум среќен со тој договор, знаете како тој договор беше донесен во Парламентот, кога пратеници за уши се носеа, а претходно притвораа и затвораа, се уценуваа за да гласат за тоа што се случи тогаш. Но, тоа е во функција, тоа е реалност. Јас пред четири години самиот кажав дека овој договор е реалност и покрај тоа што трпев големи политички напади од крајната десница или левица, како сакате во Македонија. Така што сè што е содржано во договорот го почитувам, целокупната официјална, формална, институционална комуникација е апсолутно со придавката“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за Ал Џезира.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека вистинското прашање е зошто другата страна односно Грција не го почитува Договорот од Преспа.

„Вистинското прашање е зошто другата страна не го почитува Договорот од Преспа и што направи другата страна којашто е дел од Договорот од Преспа, тука мислам на нашиот јужен сосед Република Грција“, рече тој и додаде дека почитувањето е двонасочна улица и дека не смее да постојат двојни стандарди.

„Почитувањето е двонасочна улица, мораме така да се однесуваме, не смееме да имаме двојни стандарди, треба да имаме принципиелен однос, јас така се однесувам како човек сум принципиелен и така ќе продолжам да се однесувам во животот, за разлика дали на тоа некој му се допаѓа или не“.

Премиерот Мицкоски нагласи дека доколку се анализира добро Договорот од Преспа ќе се види дека македонската стана има многу повеќе направено од тоа што таму го има, укажувајќи дека односот од Грција не е зрел бидејќи освен декларативна нема суштинска поддршка за интеграција на Македонија во рамките на Евроатланските институции.

„Очекувам зрел добрососедски однос со нашиот јужен сосед. Ваков тип на однос не е зрел. Мислам дека ако правилно се анализира и чита договорот ќе се види дека ние имаме направено многу повеќе од тоа кое што е наша обврска. Не само со Преспанскиот договор туку и со гантограмот на активности на негова имплементација. Ќе повторам вистинското прашање е што има направено нашиот јужен сосед. Ја споменавте поддршката од страна на Грција за интеграција на Македонија во рамките на Евроатланските институции, освен декларативна, јас суштинска поддршка ниту сум видел, ниту граѓаните во нашата земја имаат почувствувано нешто такво, а да не зборувам за навредливата реторика Скопјанос, Скопја, да не зборувам за неусвојувањето на меморандумите во рамките на Парламентот изминатите пет години“, изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски потсети дека граѓаните изминатите седум години биле жртви на поданичкиот однос од страна на претходната власт, за која како што рече не направиле ништо добро во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Еве ако сум јас сега проблем, што се случуваше изминатите пет години. Граѓаните во Македонија и државата, за жал се жртви на поданичкиот однос изминатите седум години на претходната власт, која апсолутно не направи ништо добро во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Понатаму, навредливиот однос од страна на голем дел од нашите соседи кон Македонија, кон македонскиот народ, не донесоа ништо добро буквално за иднината на граѓаните. И она кое што исто така е многу важно, а кое што сакам да го споменам е дека очекував малку повеќе од страна на нашиот јужен сосед за тоа како треба да функционира оваа двонасочна улица“, посочи тој.

Премиерот Мицкоски е дециден и изјави дека оваа Влада нема да витка кичма, нема да дозволи понижување, туку ќе гради принципиелен однос којшто ќе се темели на двонасочна улица, добрососедски односи, градење на мостови и решавање на домашните проблеми, бидејќи тоа е она кое што го очекуваат граѓаните од оваа Влада.

„Нема да виткаме кичма, нема да се вовлекуваме, нема да се себепонижуваме, да мафтаме во едната рака со европското и НАТО знаменце, а од другата страна да ги ограбуваме граѓаните и државата. Ние ќе имаме принципиелен однос којшто се темели на двонасочна улица, добрососедски односи, градење на мостови и решавање на домашните проблеми. Тоа е она кое што граѓаните го очекуваат од оваа Влада“, дециден е Мицкоски.