Ретроспективно-монографска изложба на Љубица Андреевска-Љупка

Сподели

Во Уметничката галерија во Куманово вечер (21 август) во 20:00 часот ќе биде отворена  ретроспективно-монографска изложба на Љубица Андреевска-Љупка, една од неколкуте најзначајни уметници на нашата наива.

„Родена во Кавадарци во 1934 година, во своите искажувања таа нагласува дека нејзините сликарски почетоци се во седумдесеттите, а на ретроспективно- монографската изложба се застапени дела што ги поседува од 1989 до 2001 година. Со силината на својата индивидуалност, автентичниот, препознатлив, возбудлив и впечатлив ликовен ракопис, се надоврзува на основоположничката генерација на македонската наива (В. Наумовски, Ѓ. Шијаковиќ, Д. Трендафиловски-Добрин, Р. Ристовски и К. Славковски) и со тоа е една од најважните претставници во оваа област“, информираат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Автор на текстот на монографијата е Гоце Божурски, а се објавени и 60 колор- репродукции.