Мултимедијална изложба „Дневник“ на Стефан Јакимовски

Сподели

Во ЛУ Градски музеј Крива Паланка отворена е мултимедијална изложба насловена „Дневник“  на ликовниот уметник и графичар Стефан Јакимовски-Стеф.

На изложбата, која претставува магистерски труд на Јакимовски,  се поставени повеќе ликовни, визуелни и мултимедијални дела во различни техники и тоа 19 графики, 100 бетонски објекти со основа на квадрат и вметнати разни материјали, како и 20-тина бележници (дневници). Делата се инспирирани од секојдневието рефлектирно преку апстрактни експресии, разиграни низ експерименталниот и неконвенционален пристап при нивното создавање. Секојдневните искуства  се претставени  во облик на колаж од материјални остатоци од предмети  поврзани со настани, локации, средби разговори, мисли.

“Преку овој проект, Јакимовски го истражува процесот на менување на нештата и нивната реакција под притисокот на времето, правејќи парарела со нашата издржливост, односно променливост во текот на времето, поминувајќи низ влијанија од средината на нашето опкружување и односите со сите учесници во процесот на живеењето и творењето“, вели Ѓорѓи Костовски, историчар на уметност.

Стефан Јакимовски-Стеф дипломира на Факултетот за ликовни уметности во  Скопје во 2016 година, каде и магистрира на одделот графика во класата на проф. Д-р Славица Јанешлиева. Член е на ДЛУМ од 2021 година. Досега имал 6 самостојни изложби, учествувал на над 50 групни изложби во земјава и странство и на повеќе ликовни колонии.

Изложбата е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.