Почнува 43. издание на Скопскиот џез-фестивал

Сподели

Девет светски етаблирани состави од САД, од Европа и од Македонија ќе ја претстават својата музика на 43. издание на Скопскиот џез-фестивал што почнува вечер, а ќе трае до 20 октомври. Организаторите наведуваат дека внимателно селектираната програма го следи императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на Фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика.

Програмата, распоредена во четири вечери во Националната опера и балет и во МКЦ, е исклучително силна, инспиративна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

 Фестивалот ќе биде отворен со специјалниот настап на најдобрата и најпопуларна американска џез-пејачка на денешницава, Сесил Меклорин Салвант, овенчана со три Греми-статуети, шест номинации за Греми и многубројни други значајни награди.

Вечер во МКЦ ќе настапи и домашниот џез-состав „Next to Silence“, претставувајќи го своето најново, второ по ред, албумско издание „Ruh“ (SJF Records).