Промоција на „Град без сенка“ од Никола Наумовски

Сподели

Промоцијата на стихозбирката „Град без сенка“ од Никола Наумовски, издание на ПНВ Публикации од Скопје, ќе се одржи во четврток, 24 октомври, со почеток од 20:00 часот во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје.

Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска, што за книгата ќе изјави:

‒ Стихови што како едвај да преживеале некакво давење при апокалипса, од кои се цеди градскиот смог растворен во водата на вечната река, од која се огласува виежот на речните пци, додека коските на Месечината кришум мируваат во брезова кутија… Симболизмот не е мртов!

Никола Наумовски во „Град без сенка“ те води низ атмосфера на тегобност, атмосфера што е толку бучна, низ турканици и врева, среде џагорот на светот што е видлив, реален, опиплив, но, како некој да ти дал магични очила, па наеднаш во тој урбан пејзаж можеш да го видиш и времето сегашно, и времето минато, и времето идно, да ги слушнеш и да ги видиш и соништата, и вселената, и копнежите… и сета таа мешаница, сепак, некако придушена, стишена и раскажана низ средениот хаос на „расечените“ мисли. „Град без сенки“ се чита повеќепати, се чита на глас, лизга по јазикот, а зборовите маѓепсуваат додека го слушаме сопственото ехо.

Никола Наумовски (1994, Куманово) дипломирал музичка теорија и педагогија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Добитник е на првата награда на конкурсот „Млади поети“ одржан во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) во 2021 година, како поет. Застапен е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2023), во првата едиција на фестивалот за европски

театарски алтернативи „Штурм унд Дранк“ (Sturm und Drank) во 2021 година и во неколку други антологии. Настапил на „Скопскиот поетски фестивал“, на „Литературни искри“ во Гостивар, како и на поетскиот настан „100 000 Поети за промена“. Композитор е на музичкиот проект „Синкинг фотон“ (Sinking Photon). „Град без сенка“ е негова прва стихозбирка.