Соработка меѓу јавните обвинителства на РС Македонија и Полска

Сподели

Јавниот обвинител на РС Македонија Љупчо Коцевски во Варшава, Република Полска потпиша Меморандум за соработка со неговиот полски колега, генералниот јавен обвинител Адам Боднар.

Со Меморандумот се воспоставува основа за поблиска соработка меѓу обвинителствата на двете држави, пред се во областите кои вклучуваат размена на експертиза и оперативно искуство од специјализирани обвинителства, студиски и работни средби, како и заеднички програми за обука и директно споделување искуства од аспект на организација, управување со човечки ресурси и дигитални технологии.

“Нашите системи организациски се разликуваат, меѓутоа предизвиците и проблемите со кои се соочуваме во борбата со криминалот верувам дека се слични. Република Северна Македонија, дополнително, е соочена и со предизвикот на усогласување со европските стандарди, зајакнување на системот за владеење на правото и на довербата во правосудните институции. За сите овие цели, експертската помош од Република Полска ни е навистина драгоцена”, рече Коцевски на билатералната средба пред потпишувањето на Меморандумот, при што на полскиот колега му се заблагодари за учеството на неколку истакнати полски експерти кои во рамките на проектот “ЕУ – Поддршка за владеење на правото” активно придонесуваат за реформите во правосудниот сектор и обвинителството.

“Иако географската раздалеченост меѓу Полска и Македонија не е мала, сепак важна е секоја размена на искуства и информации која може да ни помогне поефикасно да се справиме со сторителите на кривичните дела, особено од областа на организираниот криминал и корупцијата. Криминалот не познава граници, а сторителите на кривични дела лесно ги префрлаат своите активности од една во друга држава, на европскиот континент, а и пошироко”, додаде Коцевски.

Генералниот јавен обвинител Боднар  кој согласно полските закони истовремено е и министер за правда, изрази задоволство од потпишувањето на заедничкиот Меморандум за соработка.

“И во Полска проаѓаме низ период на трансформација на политичкиот систем, што носи свои предизвици.  А како обвинителство сме повикани и во однос на нашата надлежност за борба против криминалот и корупцијата. За два месеца започнува и полското претседавање со ЕУ и навистина сакаме да оставиме впечаток и во таа функција, што претставува посебна одговорност за нас”, рече Боднар, појаснувајќи дека на внатрешен план, Полска работи на проект на одвојување на Националното обвинителство од Министерството за правда со цел да овозможи поголема независност на обвинителското постапување. Обвинителската структура во Полска ја сочинуваат над 6.000 јавни обвинители.

Делегацијата на македонското Јавно обвинителство, предводена од Коцевски, ја сочинуваат и шефовите на основните јавни обвинителства за гонење на организиран криминал и корупција, на Скопје и на Битола Ислам Абази, Гаврил Бубевски и Оливера Нечаковска, како и Билјана Арсовска, раководител на Одделението за односи со јавноста на обвинителството.

Заедно со петчлена делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор Максим Ацевски тие се во студиска посета на Република Полска со цел увид и размена на искуства во однос на комуникациските практики меѓу обвинителството и ревизорското тело во оваа држава.

Во рамките на посетата, поддржана од Вестминстер фондацијата за демократија, попладнево јавните обвинители и ревизорите го потсетија и Националното јавно обвинителство на Полска, каде се запознаа со начинот на функционирање и системот за комуницирање и размена на податоци со ревизорското тело. Во исто време, Коцевски и Ацевски од своја страна, го презентираа начинот на функционирање и соработка меѓу Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија кај нас.