Средба Коцевски-Рокас

Сподели

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски оствари средба со амбасадорот на Европската унија во земјава Михалис Рокас, на која го информираше дека обвинителството веќе презема активни чекори за подобрувања во сите области кои се наведени како препораки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја, како и дека интензивно работи на подготовка за задачите од Реформската агенда која наскоро треба да започне да се реализира.

Меѓутоа, како клучен предизвик кој го наведе, а кој и Европската комисија го констатира во извештајот, се недоволните ресурси кои и се овозможуваат на институцијата за сите активности кои ги реализира.

„Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. Тоа и го направивме. Но за реформите што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за обвинителството во висина од 0.4% од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2%, што е половина од законскиот минимум“, рече Коцевски.

Тој го запозна евроамбасадорот Рокас и со предизвиците од аспект на кадровска неекипираност на обвинителствата, односно недостатокот и од јавни обвинители и од јавнообвинителска служба, како и застареноста на опремата.

Соговорниците разговараа дека буџетските приоритети мора да бидат во согласност со приоритетите и планот за работа на Јавното обвинителство и реформите за владеење на правото воопшто, за да се постигне напредок во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата. Ова е клучно за земјата да се движи кон ЕУ. Двете страни се согласија да продолжат со напорите за пренесување на овие пораки до одговорните органи во земјата.

Европската комисија во последниот извештај за нашата земја посочува дека за зајакнување на перформансите во борбата против корупцијата треба да им се овозможат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка на обвинителствата и на нивните истражни центри. „Растечкиот дефицит во ресурси во правосудството ја зголемува загриженоста дека ќе влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата“, стои во Извештајот на ЕК, со кој обвинителството како институција целосно се согласува.