Медиумите да ги отстранат коментарите коишто содржат говор на омраза

Сподели

Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 18 декември организираше панел – дискусија на тема: „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“,

Панелистите  Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет за човекови права и Сара Миленковска од Коалиција Маргини,  ги претставија нивните наоди и анализи на оваа тема. Модератор беше Петрит Сарачини.

Говорот на омраза и дискриминацијата се’ повеќе се засилува, особено во последните години на социјалните мрежи. За жал, оваа тема не допира доволно до јавноста, се согласија панелистите.

Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека според бројот на претставки  на второ место се  претставките за јавно информирање и медиуми.

Посочи три примери за кои  Комисијата постапувала по службена должност – за изјава на „експониран политичар“ кој во дебатна емисија негирал постоење на турската етничка заедница во Македонија, пратеник кој со коментари на Фејсбук поттикнувал дискриминација на трансродови лица и свештеник на јавен настан на ТВ кој „извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата“.

Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), рече дека повеќе 90 отсто од пријавите се за онлајн-медиумите.

Прекршување на кодексот за одговорно новинарство е секојдневие, особено во онлајн-медиумите. Модерирањето на коментарите на профилите на социјалните мрежи на медиумите и бришењето на навредливите и дискриминаторски коментари  треба биде сериозна задача зашто медиумите стануваат  платформа за натамошно ширење на говорот на омраза.

Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека се забележува континуиран говор на омраза особено на социјалните мрежи. Тргнувајќи од фактот дека се’ повеќе млади луѓе го користат овој простор, практично и делата од омраза кои што ги регистрира Хелсиншкиот комитет најмногу се случуваат помеѓу млади лица, сторители и жртви.

„Гледаме континуиран и вирален говор на омраза, особено видлив на социјалните мрежи, но резултати од кривичните пријави до надлежните институции нема.

Секоја година алармираме до институциите дека треба да се покрене постапка, заради тоа што во овие случаи и кога станува збор за ваков говор на омраза, повикувањето на насилство и одобрување на геноцид, кои се две категории коишто Европскиот суд за човекови права ги смета како особено отежителни и наша обврска како држава да се справуваме со ваквиот тип на говор на омраза – стои“, рече Анастасовска.

Таа истакна дека досега Хелсиншкиот комитет поднел десетици пријави, но нема ниту едно покренато обвинение и укажа дека порталите мора да внимаваат како ги модерираат коментарите и да ги отстранат тие со говор на омраза зашто стануваат вирални.

„Оваа година имаме регистрирано повеќе од илјада случаи на говор на омраза. Не се сите кривични, има и вознемирување и поттикнување на насилство во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оваа година пикот беше за време, пред и по изборите и вториот врв на говорот на омраза е за Парадата на гордоста, што се случува секоја година“, рече  Анастасовска.

Во коментарите на онлајн-медиумите има и одобрувања на убиства, семејно насилство и фемициди што дополнително охрабруваат насилни однесувања. Таа заклучува дека тешките и загрозувачки форми на говор на омраза, особено оние кои стануваат вирални, може многу лесно да се пресликаат во физичкиот простор, па затоа е неопходно медиумите проактивно да ги модерираат коментарите на објавените содржини.

Сара Миленковска од Коалиција „Маргини“ рече дека се забележливи антиродови движења кои веќе се институционализирале и сега креираат антиродиви политики што водат кон замолчување на активисти и уметници кои се занимаваат со овие теми.

Самата држава, рече, не учествува во заштита на трансродовите лица и главен аргумент на Обвинителството за непостапување по вакви случаи е што кај нас не е регулиран статусот на трансродовите лица поради што и не можат да бидат заштитени.

Најчесто дискриминацијата и говорот на омраза е по основа на етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.