Изложба 100 години од раѓањето на Ристо Лазаревски

Сподели

Изложба во Даут Пашин амам -26 декември, 19 часот

Често недоречен во своите настојувања и оправдан во стремежите низ овие слики…
Тоа што постои е вообличено низ индивидуалниот пристап на уметникот кон ова п о д н е б ј е… Распнатоста помеѓу она што постоело, она што се создава и треба да дојде е евидентно присутна…
Бранко Илиоски за Ристо Лозаноски

Како дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања. Во селекцијата на претставувањата се истакнуваат авторите застапени во Постојаната поставка на Националната галерија, како уште едно настојување за зачувување од заборав и ревалоризација на творештвото на авторите што во одреден културно-историски контекст одиграле важна улога во дефинирањето на она што денес го нарекуваме македонска историја на уметноста.
Еден од овие автори е и Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965), кој во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот Даут-пашин амам, е претставен со две свои дела (Прастари облици, 1961, масло на платно, 88 х 135 см и Бела стихија, 1962, масло на платно, 80 х 135 см), во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 60-тите години од XX век, односно историскиот приказ на времето кое се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што од своја страна доволно говори и за местото и значењето на овој уметник.
Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. Во прилог на местото и улогата на овој автор, за почеток ќе наведеме неколку поважни изложби на кои е застапен, почнувајќи од настапите на уметничките групи „Денес“ (1954, Скопје) и „Мугри“ (1960 и 1961, Скопје; 1961, Белград) во 50-тите и кон преминот во 60-тите години на ХХ век, сè до групните изложби со антологиски предзнак (Аспекти на цртежот во Македонија, Музеј на современата уметност – Скопје, 1967; 40 години македонско ликовно творештво, Музеј на современата уметност – Скопје, 1984, Еротизмот во современата македонска ликовна уметност, Центар за култура и информации, Скопје, 1986; Антологија на македонската ликовна уметност 1894 – 1994, Музеј на современата уметност – Скопје, 1994 – 1995; Портретот – тематски предизвик, Уметничка галерија – Скопје, 1996; Енформел: 1959 – 1966, Музеј на современата уметност – Скопје, 2009; Линеарен цртеж и Конекции во колекциите, Музеј на современата уметност – Скопје, 2018; Париски рефлексии 2, Национална галерија, 2023 и др.). За значењето на Ристо Лозаноски за македонската ликовна уметност постојат мноштво осврти на критичарите што го вреднувале неговото творештво: Антоние Николовски (во повеќе наврати се произнесува за самостојните изложби и е автор на Комеморативната ретроспективна изложба, Уметничка галерија – Скопје, 1969), Борис Петковски, Соња Абаџиева, Ладислав Баришиќ, Владимир Величковски, Марика Бочварова-Плавевска (авторка на Ристо Лозаноски – монографско-ретроспективна изложба, Музеј на современата уметност – Скопје, 1986 и Слики од болница, Музеј на современата уметност – Скопје, 1995), Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски итн.