Доколку политичките партии опстојат на датумот за избори на 11 декември, последниот датум кога Собранието треба да се распушти е 27 октомври за да може предвремените избори за пратеници, според Уставот, да се одржат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Откако ќе му престане мандатот на овој пратенички состав, почнуваат да течат роковите и за организацијата на изборите, која преминува во рацете на Државната изборна комисија.
Според ДИК, тие се подготвени да ги спроведат изборите.
– За предвремени парламентарни избори, роковите што се пропишани со Изборниот законик се скратуваат за пет дена, освен за изборната кампања, која задолжително мора да трае 20 дена. Кај нас нема „дали можеме или сакаме“, ние мораме да ја завршиме целата работа што ни претстои – вели Адмир Шабани, портпарол на ДИК.
Откако претседателот на Собранието ќе ги распише изборите, течат и роковите до 11 декември:
- Во рок од три дена од денот на распишувањето на изборите, ДИК доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и во општинската администрација;
- Во рок од пет дена од денот на добиеното барање, МИОА ги доставува податоците за вработените во државната и во општинската администрација до ДИК;
- Наредниот ден по денот на распишување на изборите, МВР на магнетен медиум (хард диск) ги доставува бараните податоци за граѓаните до ДИК;
- Најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, ДИК го става избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии;
- Јавниот увид трае 15 дена;
- Од денот на донесување на одлуката за распишување избори, политичките партии учесници во изборниот процес потпишуваат кодекс за фер и демократски избори;
- Изборната кампања почнува на 21 ноември 2016 година, а завршува на 9 декември 2016 година во 24 часот;
- Гласањето во Република Македонија почнува во 7 часот и трае непрекинато до 19 часот на 11 декември (недела) 2016 година.