Хашим Тачи е прогласен за почесен доктор на науки на Тетовскиот универзитет

Сподели

hasim-taci

Со одлука на Сенатот на Тетовскиот универзитет, косовскиот претседател Хашим Тачи вчера беше прогласен за почесен доктор на науки.

Титулата му ја додели ректорот на Универзитетот во Тетово, Вулнет Амети каде по тој повод се одржа свечена церемонија. Тачи изјави дека е горд на признанието, за кое, како што рече, биле заслужни сите Албанци од Косово.

– За добивањето на оваа титула не сум заслужен само јас, туку и сите Албанци од Косово. Со оваа титула, ме направивте мене и целиот албански народ кој живее во Косово горди. Сакам да ги поздравам и Албанците од Македонија, посебно елитата која на времето студираше на Универзитетот во Приштина. Меѓу нив се и лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои се лидери на албанскиот народ во Македонија и на кои сум посебно горд, поради нивните политики за што побрзо зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија – изјави Тачи.

Ректорот Амети рече дека Тачи ја заслужил оваа титула поради неговите залагања и политики за демократизација на косовското општество.

– Косовскиот претседател Хашим Тачи многу придонел за демократизацијата на институциите во Косово. Тој придонел и за приближување и зачленување на Косово кон голем број на меѓународни организации, но и за признавања на Косово од голем број држави – изјави Амети.

На церемонијата присуствуваа лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, повеќе министри од ДУИ, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ректорите на повеќе универзитети од Македонија, Косово и Албанија како и голем број на студенти и професори.

meta.mk