Обвинителката Ленче Ристоска денеска на прес-конференција информираше дека истражителите и обвинителите на СЈО сè уште не успеале да се договорат со Управата за безбедност и контраразузнавање за на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство да им дадат пристап до системите за прислушување.
– Ние од Основниот суд Скопје 1 прибавивме две судски наредби. Едната е за одземање службена документација на УБК која се однесува за сите прислушувани разговори и нашите истражители веќе ги попишуваат документите во книгите за одземен имот. Втората судска наредба што ја баравме беше за претрес на компјутерски системи, кој е специфичен и круцијален за нашата работа затоа што преку него може да се утврди кои броеви биле приклучени за прислушување. За ова сè уште не можеме да се договориме со УБК иако цела ноќ наши обвинители и истржители дежураа во УБК. Многу тешко оди работата. Ние се убедуваме дали треба да се спроведе судска наредба. Ние сме загрижени за тоа каква порака се упатува до граѓаните зашто државна институција не сака да спроведе судска наредба – рече Ристоска.
Обвинителката додаде дека од УБК биле информирани дека лицата што можат да им пристапат на системите се надвор од државата, но им ветиле дека во текот на денешниот ден на СЈО ќе му биде обезбеден пристап до системите.
Ристоска додаде дека на барање на СЈО во Министерството за внатрешни работи била формирана комисија за и МВР да има целосен увид во влечењето податоци. Обвинителката додаде дека во комисијата има и членови од УБК.
Таа додаде дека биле разочарани затоа што во рамки на МВР биле воведени посебни процедури за влез во објектот и истражителите и обвинителите морале да чекаат по еден час за да можат да ги заменат своите колеги кои дежурале во УБК.