Кривичниот суд во Скопје го добил предлогот со кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) бара на двајца осомничени во случајот „Тендери“ да им бидат одземени пасошите и секој вторник да се јавуваат во судот, информираат од оттаму за „Мета“.
Барањето на СЈО веќе било распределено кај судија на претходна постапка, кој, како што велат од судот, треба да ги повика осомничените на распит во Кривичниот суд за тие да се произнесат по предлогот на Специјалното јавно обвинителство.
По распитот судијата на претходна постапка треба да донесе одлука дали ќе го прифати или ќе го отфрли барањето на СЈО.
Денеска од СЈО соопштија дека барањето за определување мерки за претпазливост го доставиле до судот вчера. Одземање на пасошите, како што велат оттаму, се бара затоа што постојат околности што упатуваат на тоа дека лицата може да ја напуштат земјава.
Од Кривичниот суд засега не можат со сигурност да потврдат дали распитот на двајцата осомничени ќе биде денеска или во наредните денови.
Според членот 294 од Законот за кривична постапка, по донесувањето наредба за спроведување истражна постапка до судијата на претходна постапка, тој е должен без одложување да го разгледа предлогот за мерки за обезбедување присуство и веднаш да одлучи по него.
„По донесувањето наредба за спроведување истражна постапка до судијата на претходна постапка, јавниот обвинител може да достави образложен предлог за определување мерка притвор или други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот. Судијата на претходна постапка е должен без одложување да го разгледа ваквиот предлог и веднаш да одлучи по него. Ако судијата на претходна постапка не се сложи со предлогот на јавниот обвинител, за тоа ќе донесе посебно образложено решение. Против ова решение јавниот обвинител има право на жалба во рок од 24 часа до советот, според членот 25, став 5 на овој закон“, стои во ставот 1 на член 294 од Законот за кривична постапка.