Повеќе од половина Грци не прифаќаат терминот „Македонија“ да стои во конечното решение за името на нашата земја, а само тројца од 10 Грци прифаќаат сложено решение за името во преговорите меѓу двете држави.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција околу македонско-грчките односи и спорот за името, спроведена од грчката фондација за надворешна политика „Елиамеп“ во соработка со Универзитетот „Македониа“, во рамки на програмата „Дијалог во Југоисточна Европа“ на Универзитетот „Колумбија“.
Анкетата која е спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 лица, покажува дека со официјалната грчка позиција, односно сложено име со терминот „Македонија“, се согласуваат само 28 отсто од испитаниците, додека дури 57 отсто бараат конечното решение на името воопшто да не го содржи терминот „Македонија“. Само 10 отсто, односно еден од десет Грци поддржуваат Македонија да го задржи уставното име.
Од испитаниците, 77 отсто сметаат дека е важно да се реши прашањето за името. Во најголем процент станува збор за повозрасни луѓе со помал степен на образование, додека помладите и тие со повисоко образование не го гледаат спорот за името како особено приоритетен. Одолжувањето на решавањето на спорот, според 71 процент од испитаниците, ѝ наштетува на Грција.
Мнозинството од испитаниците не се оптимисти дека односите меѓу двете страни ќе се подобрат во следните години и главно веруваат дека ќе останат како што се или, пак, ќе се влошат. Сепак, 51,5 отсто сметаат дека решението за името би им било од корист и на двете страни.
Генерално, резултатите од истражувањето покажуваат дека сè уште има голем јаз на недоверба и негативни ставови меѓу двете општества и потреба македонските и грчките власти поактивно да работат на подобра подготовка на јавното мислење за прифаќање компромисно решение.
Мнозинството Грци, според анкетата, имаат негативно мислење за Македонија. Само 7,5 отсто од испитаниците ја гледаат нашата земја позитивно, додека 61,5 отсто имаат негативно мислење за Македонија.
Од македонска страна, според слично истражување кое беше спроведено во Македонија во рамки на истата програма на Универзитетот „Колумбија“, 69,7 отсто изјавиле дека имаат негативно мислење за Грција. Сепак, грчкиот негативен став, скептицизмот и непријателскиот однос кон странските држави изгледа како тренд меѓу грчкиот народ. Резултатите покажуваат дека 69 отсто од Грците имаат негативен став за Турција, 56 отсто негативен став за Германија и 51,5 отсто негативно мислење за Европската Унија. Позитивно мислење испитаниците имале само за Русија и за Србија.
Според анализата на „Елиамеп“, оваа општа недоверба на народот кон странските држави и организации влијае на зголемување на негативните ставови во Грција кон Македонија и кон Турција, со кои државата ги има најголемите отворени национални прашања.
Добра вест од целото истражување е дека генерално Грците не ја сметаат Македонија за закана во споредба со Турција.
Грците се отворени да ги прифатат Македонците во нивните општествени кругови и главно немаат проблем да имаат член во семејството или колега од нашата земја. Од испитаниците 44 отсто би прифатиле и не би имале проблем да имаат Македонец во семејството, 26,5 отсто не би имале проблем да имаат Македонец – колега, додека 21,5 отсто не би прифатиле ниту едно од двете.