Коалицијата „ВМРО за Македонија“, составена од ВМРО-НП, Обединети за Македонија и од Достоинство, денеска, во пресрет на Митровденска задушница, во хотелот „Александар палас“ потпиша договор со кој трите партии договорија заеднички настап на претстојните избори. Договорот го потпишаа лидерите на овие партии, Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов.
Имињата на носителите за кандидатските листи ги најавија за подоцна и не оставија простор за прашања на таа тема.
– „ВМРО за Македонија“ е новото старо ВМРО, кое ги почитува идеолошките определби за слобода, демократија и за човечки правдини. Составивме коалиција од луѓе кои во најтешките моменти на Македонија ги презедоа вистинските чекори за да ѝ помогнат на таковината – изјави шефот на изборниот штаб на коалицијата, Ден Дончев.
Тој дополни дека главни стратешки цели на оваа коалиција се демократизирање на Македонија, владеење на правото со независни обвинители и судство, економски напредок, влез во ЕУ и во НАТО, пораз на раководоството на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори. Најави дека ќе го вратат достоинството на старото ВМРО што, како што рече, „беше згазено од членството на ДПМНЕ“.
Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, рече дека ме е чест да соработува со овие луѓе, кои во 20о1 година му дале одврзани раце заради одбраната на Македонија.
Љубчо Георгиевски од ВМРО-НП истакна дека Македонија никогаш досега не била посозреана за трета политичка опција.
– Порано, кога ќе се спомнеа нашите имиња, можеби потсетувавме на воена формација, но ова денес не треба да загрижува бидејќи го нема тој дух од тоа време и тие непријатели – изјави Георгиевски.
Тој додаде дека би било голема грешка доколку коалицијата „ВМРО за Македонија“ се гледа низ призмата на СДСМ и на ДПМНЕ, бидејќи тој ги повикува разочараните членови на ДПМНЕ да гласаат за нив, но, како што посочи, ќе понудат и програма што ќе ги задоволи оние од центарот и од левицата.