Едно лице загина во поплавите кои денеска ја погодија Албанија, по поројните дождови кои предизвикаа и оштетувања на патиштата, јави новинската агенција АТА.
Дел од албанските портали соопштуваат дека во поплавите досега загинале три лица, но оваа информација засега не е официјално потврдена.
Во спасувачките акции ангажирана е војската и специјални спасувачки екипи.
Министерството за одбрана соопшти дека округот Лежа во северот на земјата, се испратени 30 воени лица, шест возила и мали чамци за евакуирање на три семејства.
Автопатот Тирана-Драч, како и неколку други патни правци се блокирани. Многу села се без пристап поради оштетувања на локалните патишта.
Два траекта, поради невремето, имале потешкотии при допловувањето кај Валона, но безбедно се вкотвиле на пристаништето.
До 12 часот, количеството врнежи изнесувало 100 милиметри на квадратен метар. Според прогнозите, тие ќе продолжат и утре.