Австрискиот Парламент денеска едногласно ја усвои Изјавата со која се осудуваат апсењата во Турција, и се бара прекинување на пристапните преговори на ЕУ со Анкара и се бара реактивирање на мировниот процес со Курдите.
Шефовите на пратеничките групи ја потпишаа Изјавата, во која наведуваат дека развојот на ситуацијата во Турција се движи во загрижувачки правец и ја повикаа Владата во Виена, во случај на натамошна ескалација, да побара прекин на пристапните преговори со Турција.
Шефот на пратеничката група на Социјалдемократската партија Андреас Шидер истакна дека Парламентот со оваа Изјава упатува јасен сигнал до Турција, Европа и светот дека апсењето пратеници не може да се толерира.
– Имајќи ја предвид актуелната ситуација, членството на Турција во ЕУ е невозможно, порача тој.
Шефот на пратеничката група на Народната партија Рајнхард Лопатка истакна дека основните права и слободи не се нешто за што може да се преговара.
– Европа не може да дозволи да ја уценува претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, потенцира Лопатка.