Коалицијата за промени и правда бара нов договор за специјално судско одделение

Сподели

pavle-koalicija

Ако сакаме да имаме процес на стабилизација на состојбата во Македонија, Специјалното јавно обвинителство мора да продолжи да работи професионално, одговорно, транспарентно и со полна пареа, а по изборите да биде направен нов договор за формирање специјално одделение во Кривичниот суд, кој ќе ги процесира предметите на СЈО. Ова денеска на прес-конференција пред СЈО го истакна претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, придружуван од носителот на кандидатската листата на Коалицијата за промени и правда во четвртата изборна единица, Слободан Богоевски.

Трајанов рече дека СЈО се соочува со проблеми и со опструкции од сите институции кои се по контрола на власта, особено од судот, но истакна дека народот целосно го поддржува ова обвинителство.

– СЈО најголемата поддршка ја има од граѓаните, а не од политичарите кои јавно го поддржуваат, но сметаат дека СЈО треба главно да работи и да отвора случаи за некои други лица, а не за нив. Сметаме дека СЈО треба да продолжи со работата и во овој период, независно што во тек е изборна кампања и исто така очекуваме во овој период да попушти и одбраната во институциите кои ги бранат интересите на Груевски и на неговата група, затоа што информациите велат дека тие не само што се инволвирани во кршење на основните човекови права и незаконското прислушување, туку се директно вмешани и во тежок криминал – рече Трајанов.

Тој додаде дека очекува по 11 декември, освен формирање на специјално судско одделение, да има и ревизија на работата на јавните обвинители и промени во Јавното обвинителство.

Носителот на листата во четвртата изборна единица, Богоевски, порача никој да не се осудува да го доведува во прашање постоењето и работењето на СЈО.

– Специјалните обвинителства и специјалните судски одделенија се позната категорија во Европа и тие се формираат за расчистување случаи на тешки криминали – истакна Богоевски.

meta.mk