Фијон е избран за кандидат на десницата за претседателските избори во Франција

Сподели

fransoa-fijon

Поранешниот француски премиер Франсоа Фијон е избран за претседателски кандидат на десницата за изборите за шеф на државата кои ќе се одржат во мај 2017 година.

На вчерашниот втор круг од внатрешартиските избори тој освои 67 отсто од гласовите, победувајќи го со повеќе од 30 проценти својот противкандидат Ален Жупе, кој е исто така поранешен француски премиер и актуелен градоначалник на Бордо.

Фијон оцени дека неговата победа претставува „повик за акција“ и вети дека ќе ја обедини десницата во своите намери да стане иден претседател на Франција.

– Франција ја сака вистината и сака акција, истакна Фијон пред своите приврзаници, откако Жупе го призна својот пораз. Тој нагласи дека „ќе допре до сите оние кои сакаат да и служат на сопствената земја“.

Изборот за претседателски кандидат, кој е организиран по примерот на американските избори, е прв од ваков вид на републиканците, а се сметаше како борба меѓу социјално конзервативниот и економски радикалниот Фијон и умерениот Жупе.

Според аналитичарите, кандидатот на републиканците има големи шанси да стане претседател на Франција на претстојните избори.