СКАМЕНЕТИ СПИЈАЧИ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski-foto

Повеќе од десет години нè предупредуваат, најчесто благотатковски, дека не е добро гласно да се размислува за криминалите, за неправдите, за непотизмите, за „уметничките“ и „архитектонско-урбанистичките“ забеганости, за глупостите, за измамите, за изолацијата од остатокот на светот, за нивниот глупав и губитнички национализам и фашизам. Тоа се корозивни мисли, мисли што го нагризуваат сето она што се вика бандитски „македонски патриотизам“, а заради таквата активност човек може да настрада, нели? Подобро да си седи мирен и нем, без да размислува и да бранува, зарем не? Така, кај нас, постепено, се создаваше армијата од скаменети спијачи! Луѓе кои живееа и живеат според начелото quieta, non movere (мирувај, не мрдај). Начело кое значи да не се доведува во прашање постоечката ситуација, да се живее „сопствениот мал живот денес и овде“, да се исклучат големите претензии, секојдневно да се живее со паролата – „не бранувај, гледај си ја својата работа“.
Ама, најпрво да појаснам. Скаменетите спијачи се, всушност, надгробни споменици, односно артефакти поврзани со богомилското движење. Сите тие мермерни надгробни споменици се големи груби монолити, чија „задача“ е да „молчат“ и така, ќутливо, да опстојуваат низ времето. Нив, големиот архонт на поетскиот збор Мехмедалија „Мак“ Диздар, ги нарекол „скаменети спијачи“ и напишал волшебно поетско дело со таков наслов. Врз основа на оваа книжевна творба, композиторот Владо Милошевиќ создал партитура за гудачки квартет и рецитатор, а уметниците Јелица и Градимир Босанчиќ во комплексот на спомен паркот „Крагуевац“ во 1969 година направиле монументална архитектонско-скулпторска целина именувана како „Скаменет спијач“.
Да се вратам кај нас, денес. Пропаѓа државата и нацијата, пропаѓаат луѓето, ни пропаѓа тлото под нашите нозе, а нашиот надмен и арогантен неутралец, кој, попатно кажано не е само производ на нашата „портокалова преродба на стравот“, туку е и природен производ на капитализмот кој фаворизира општествено-политичка пасивност, значи, нашиот скаменет спијач, кој во мозокот и душата носи велелепно трпение, натприродна смиреност и огромна морална и интелектуална тапост, потпивнува со пријателите по пивниците или биртиите, безгрижно се весели низ кафеаните и длабоко ја презира политиката. Тој ги смета политичарите за глупави „сељаци“ кои се корумпирани и кои лесно се купуваат и поткупуваат. Во својата „длабокоумност“, тој смета дека камелеонството како карактерна особина можеби лошо им изгледа на некои маргинални моралисти, меѓутоа тоа единствено носи привилегии и богатство во демохристијанскиот свет. Затоа, тој воопшто не размислува за моралноста, односно неморалноста на лицемерието, туку смета дека само правовремено и „мангупски“ се сообрзил со портокаловата „преродба“. Тргнувајќи од своите лукративни интереси, тој наш скаменет спијач нема „цврст став“ за своето општествено опкружување, туку своите мисли ги прилагодува со оние на „победникот“. Всушност, нашите скаменети спијачи се метафизици, шопенхауровци, емпириокритицисти и скептици, кои со својот индивидуалистички солипсизам се застапуваат за деполитизација на културата, уметноста и општеството, па дури, и целосно апсурдно, и за деполитизација на политиката. Кратко кажано, сметаат дека сите „умни глави“ и „практичари“ треба да стојат „надвор од политиката и над неа“.
Мора, едноставно, да се каже не! Да се каже не за претворањето на македонските луѓе во скаменети спијачи! Молчењето и мирнотијата се смртоносни. Тие се јавуваат пред да настапи смртта. Како човек жив да е закопан во гроб. Спасоносно е токму спротивното! Човек мора да се движи спротивно од глупостите, измамите, лагите, ненормалностите, криминалите… Спротивно од грдата реалност. Спротивно од нашево политичко и уметничко, или поправо речено севкупно неумесно и глупаво експериментирање, со кое нема далеку да дотуркаме. Спротивно на сè она што е на штета на нашата памет, нашето достоинство, нашиот прогрес и нашиот живот. Во име на тоа мора да се оддалечиме од криминалите на нашите властодршци. Секој наш човек мора да се разбуди од коматозната реалност. Секој човек мора и треба гласно да размислува! Да урла против неправдата и нееднаквоста! Дури и кога се чини дека тоа е vox clamantis in deserto (глас во пустина). Тој глас против измамите, неправдите и неправилностите е она што човека го задржува да остане човек! Тоа е она што ќе нè спаси и ќе нè влече напред!