Коалицијата ВМРО за Македонија вечерва одржа митинг во Кочани на кој беше претставена програмата на коалицијата и носителот во третата изборна единица, Стојанче Ангелов.
Осврнувајќи се на програмата во делот на економијата, Ангелов рече дека нивните основните заложби се проблемите на полицијата, бранителите и Армијата да бидат решени во целост. Тој посочи дека по изборите треба да се организира попис за да се види состојбата со населението во државата, а остро се спротивстави на воведувањето двојазичност во државата.
Претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски ги повика членовите на коалицијата ВМРО за Македонија на 11 декември да не се плашат и да излезат да гласаат за тие кои им нудат просперитет во државата.
– Како автентични вмровци сакаме да не води Љубчо Георгиевски се со цел да го вратиме ВМРО на вас и да ја вратиме Македонија на Македонците, затоа што ние знаеме за каква Македонија се бориме – рече Бошковски.
Претседателот на ВМРО Народна партија, Љубчо Георгиевски пред кочанчани зборуваше за успесите што ги направила неговата партија во времето кога тие биле на власт, а најави и сет мерки за граѓаните. Посочи дека нудат либерализација на македонските фирми.
– Наплатата на ДДВ да се врши по наплатата на фактурите, а купувањето на автомобили да биде без ДДВ – рече Георгиевски.
Тој се осврна и на просперитетот на македонските села, при што истакна дека секое село според нивниот проект, треба да биде општина, проект кој постои во цела Европа и дава одредени резултати.
– Целта на нашата коалиција е да освоиме меѓу 15 и 25 пратеници за да добиеме контрола на левицата и десницата, да бидеме баланс во Парламентот. ВМРО за Македонија како коалиција е гордост за цела Македонија – додаде Георгиевски.