Опасност од епидемија на птичји грип во Франција

Сподели

grip

ПАРИЗ (АА) – Птичјиот грип што кон крајот на ноември почна одново да се шири во Франција, веќе зазема загрижувачки димензии. Нивото на ризик од вирусот што Министерството за сточарство претходно го имаше дефинирано како средно, го промени во ризик од високо ниво, јавува Anadolu Agency (AA).

Во писменото образложение од Министерството за сточарство на Франција се вели: „Вирусот од типот Х5Н8 е распространет на живинарските фарми во подрачјето на Па де Кале и Горна Савоја, и затоа претходното средно ниво на ризик го подигнавме на високо ниво на ризик“.

Исто така, во образложението се вели дека одлуката е донесена поради брзото ширење на вирусот во Франција и во голем број европски земји. „На територијата на цела Франција, поради можноста од контакт на дивите птици со живината, забранета е продажбата на живина или таа да се чува на исто место поради размена или други причини“.

Министерството соопшти дека минатата недела, во подрачјето на Тарн биле откриени три фарми со патки кај кои е забележан птичјиот грип. Превентивно, патките се уништени, а се спроведува заштита во радиус од три километри околу фармите и надзор во радиус од 10 километри.

Се истакнува дека на 26 ноември истиот вирус е забележан и кај дивите патки во подрачјето на Па де Кале, во северниот дел од земјата, и дека ќе бидат преземени сите превентивни мерки за да се спречи проширувањето на вирусот низ цела Франција.

Франција, која е најголем производител на живина во Европската Унија, мината година имаше проблеми со извозот на живината поради епидемијата што го погоди југозападниот дел на земјата.