Неизвесноста што ја покажуваат конечните резултати од предвремените парламентарни избори, упатува на фактот дека формирањето на новата влада ќе оди тешко и комплицирано, а не се исклучува можноста да се формира коалициска влада.
Иако ДИК сè уште не излегла со проекција за распределбата на пратеничките мандати по политички партии, резултатите од изборите говорат дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се многу блиску и според некои проекции, можно е дури да добијат ист број мандати, односно по 51 пратеничко место.
За формирање влада потребни се минимум 61 пратеник, а според непишаното правило по потпишувањето на Рамковниот договор, влада формираат партиите победници од македонскиот и од албанскиот блок.
Партијата која е победник на изборите (ВМРО-ДПМНЕ?), од претседателот на државата (Ѓорге Иванов) ќе добие мандат да формира влада во рок од 10 дена откако ќе се формира новото Собрание.
Во практиката, постојат повеќе испробани модели на влади кои менаџирале кризи.
- Коалициска: Ова е влада на парламентарното мнозинство или влада за која гласаат сите парламентарни партии. Вообичаената причина за овој аранжман е тоа што ниту една партија не може да постигне мнозинство во парламентот. Оваа влада може да се формира и при кризи, кога се бара заедничка одговорност од сите политички чинители. Коалициска влада, исто така, може да се создаде во време на национална тешкотија, на пример, за време на војна или економска криза. Со тоа владата има висок степен на одговорност и ќе влијае во намалувањето на внатрешните политички расправии. Овие влади се познати и под името влада на национално единство, голема коалиција. Кај нас таква беше, на пример, „Владата на широка коалиција за спас на Македонија“ формирана во мај 2001 година, во која влезе и СДСМ, кој есента истата година се повлече.
- Техничка: Овој збор најчесто се употребува за преодна или привремена влада. Според политиколозите, тоа се влади што не добиле мандат на избори, туку биле назначени со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е оваа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница. Во нејзиниот состав има експерти кои не се поврзани со партија и кои би имале една цел – да ги организираат следните избори.
- Концентрациона: Поимот концентрациона влада може да изгледа многу нејасен и необичен, затоа што тие обично се формираат во посебни услови. Тоа се обично елементарни непогоди, вонредни или воени состојби. Во таа влада треба да учествуваат сите парламентарни партии кои би се обиделе да ја решат кризата. Ваквата влада би имала единствена задача да го подготви демократскиот амбиент за слободни избори.
- Привремена или чувар-влада: Може да се формира кога владата во парламентарниот систем е поразена со иницијативата за недоверба или во случај кога владата поднесува оставка. Оваа влада продолжува да работи во периодот по распуштањето на парламентот, ги подготвува новите избори и функционира до формирањето нова влада.
- Преодна: Ова влада се формира привремено за да го подготви патот за постојана влада. На пример, кога беше соборен Садам Хусеин во Ирак, Американците формира преодна влада во земјата за да го надгледува создавањето на новиот устав и да создаде услови за одржување избори.