Заев: Груевски не смее да формира влада

Сподели

Режимот на Никола Груевски не смее да формира влада, истакна попладнево на прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и ги повика партиите чии кандидати добиле пратенички манданти да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ за нова влада.

– Поразивме режим со пенкало и со глас. Режимот не смее да формира влада. Ги повикувам сите партии што добија мандат од граѓаните, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислат да ја поништата волјата на мнозинството граѓани. Груевски не смее да формира влада во Република Македонија – рече Заев.

Тој нагласи дека СДСМ има поголем број гласови во шестата изборна единица од она што досега е објавено и ги повика граѓаните да ги чекаат конечните резултати од Државната изборна комисија.

– Постојат разлики во резултатите од избирачките места и оние што ги објави ДИК. СДСМ има поголем бројот гласови во шестата изборна едница и соодносот на пратеничките мандати со ВМРО-ДПМНЕ е 50 – 50 – потенцираше Заев.

Тој истакна дека поради констатираните нерегуларности за кои известија и набљудувачите, СДСМ до ДИК ќе поднесе приговори, со што, како што посочи, вистинскиот број на освоени мандати во Собранието ќе го дадат конечните резултати на ДИК.

– Независно од пребројувањето, граѓаните се изјаснија дека во Македонија нема место за политичари како Груевски туку за правна и праведна држава и тоа ќе се случи. Правниот сектор на опозицијата ги има подготвено информациите за проблематичните состојби и приговорите ќе бидат поднесени до ДИК вечерва до 19 часот, до кога е кончениот рок. Од ДИК очекувам транспаретно постапување по приговорите – рече Заев.

Прашан доколку Груевски не ја формира новата влада, кој тогаш ќе биде мандатарот, Заев изјави дека одговорот на тоа прашење е јасен, алудирајќи на себеси.

– Реков дека Груевски не смее да формира влада. Ако Груевски не ја формира, се знае кој ќе ја формира владата – нагласи Заев.