Повторното преговарање за Охридскиот рамковен договор, што го заговара новата платформа на албанските партии, е отварање на Пандорината кутија поради што ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со ДУИ одби да преговара за платформата, било истакнато на средбата меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и амбасадорката на Турција, Еркал Кара.
Како што истакнале од ВМРО-ДПМНЕ на средбата, токму платформата на албанските партии, односно барањето за двојазичност на целата територија на земјава, била причината за неуспехот на преговорите со ДУИ за формирање влада, а не Специјалното јавно обвинителство, како што тврдат од партијата на Али Ахмети.
„СЈО треба да ја работи својата работа професионално, а не како марионета на СДСМ и на други надворешни центри и во согласност со договорот од јуни/јули 2015 година, без негово менување, вклучувајќи и без негово продолжување. При тоа беше нагласено дека не е точно дека тоа беше причината за непостигнувањето договор за коалицирање на ДУИ, иако очигледно е дека на ДУИ ѝ одговара така да ја претстави работата. Во реалноста, всушност, освен што на почетокот се констатира дека по ова прашање имаме различни позиции, повеќе од 95 отсто од времето за разговори беше посветено на дебата околу барањето на ДУИ за измени на законот за употреба на јазиците, каде беа и главните разлики“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата, која, како што информираат од партијата, била на барање на турската амбасадорка во земјава.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека одредени партии сакаат да ја заобиколат партијата што освои мнозинство гласови на предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година и сакаат на тој начин да ги остварат целите поврзани со Законот за употреба на јазиците.
Партијата го повторила ставот дека се потребни нови предвремени парламентарни избори, а на прашање од амбасадорката дали тие ќе дадат соодветен резултат за надминување на актуеланата состојба, Груевски посочил дека на нив гледа како на „шанса за државата“, а во спротивно „алтернативата е континуирано кризирање“.
„Амбасадорката на Турција истакна дека се зборува за можноста за коалицирање на СДСМ со другите партии, на што од партијата беше посочено дека сè е можно, но тоа ќе значи трајно напуштање на воспоставениот принцип победникот кај македонските гласачи да коалицира со победникот кај албанските партии и гласачи. Напуштањето на тој принцип би бил иреверзибилен процес, процес на кој ќе му нема враќање назад“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.